Економија 08. септември 2019. / 16:36

Ќе се санира патот кон граничниот премин кај Делчево

Ќе се санира патот кон граничниот премин кај Делчево

Потребни се од седум до осум милиони евра за да се реши свлечиштето на магистралниот пат од виничкото село Истибања до Македонска Каменица. Патот што води до граничниот премин кај Делчево во изминатите години е ризичен за патување поради ваквите големи карпи, коишто директно се свлечуваат на коловозот, објави Телма.

Крајниот исток постојано има отежнат сообраќај на патници и стока. Директорот на претпријатието за државни патишта, Зоран Китанов вели дека потребна е нова студија, за решавање на проблемов, а при претходната реконструкција имало и шанса да се решат свлечиштата.

Во моментов свлечиштето е санирано. Додека се чека на новите проекти, при вакви одрони жителите од Македонска Каменица и Делчево со автомобилите патуваат низ планината Бигла, додека камионите мора да кружат преку Берово и Пехчево.

Но, проблеми со патиштата имаат и пробиштипјани. По дупки и изгребан коловоз се патува од Пробиштип до Крупиште. Таму машините веќе трета недела ги нема за да ја продолжат почната реконструкција.

Откако е увидено дека на одредени делови подлогата е нестабилна, направена е нова проектна документација, а машините на терен ќе се вратат во текот на наредната недела.