На полноќ истекува рокот во кој компаниите може да поднесат барање до Управата за јавни приходи за мерката за исплата на финансиска поддршка за исплата на платите за април годинава во износ до 14.500 денари месечно по вработен. Аплицирањето за оваа владина мерка за поддршка на најпогодените компании од кризата предизвикана од коронавирусот Ковид-19 почна на 1 мај, а досега барање поднесле над 19.000 компании.
Министерот за економија Крешник Бектеши упати апел до сите компании кои ги исполнуваат условите за мерката за поддршка на платите, да аплицираат за добивање помош и нагласи дека очекува тоа да го направат голем број од нив.
Во изминатите два месеца како резултат на негативните последици кои ги предизвика корона вирусот Ковид-19 врз економијата, Владата донесе низа мерки за поддршка на најпогодените компании, но и за најзагрозените граѓани. Над 19.000 компании поднеле барања за мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за април и мај во износ до 14.500 денари месечно по вработен – соопшти Бектеши на прес-конференција во Владата.
Како што нагласи министерот, со оваа мерка се овозможува континуитет на работните процеси и се обезбедува основа за редовна исплата на плати и придонеси при што се создаваат сериозни услови за да се зачуваат работните места.
Барање за финансиска поддршка – образец БФП-ИП се поднесуваат до УЈП преку системот е-даноци, најдоцна до 7-ми мај, за исплата на платите за април, односно до 7-ми јуни за исплатата на платите за мај.