Економија 25. август 2020. / 17:16

И денеска Владата не даде дозвола Македонски пошти да преговара со комерцијалните банки

И денеска Владата не даде дозвола Македонски пошти да преговара со комерцијалните банки

Пропадна уште еден ден во кој се чекаше владата да даде одобрение за избор на нова банка со која треба да продолжи да соработува Македонска пошта. Веќе неколку дена Алсат се обидува да дознае кога оваа точка ќе дојде на дневен ред на владина седница, но засега нема конкретен датум. Утрово владата имаше закажано редовна седница точно на пладне, но пред пчочетокот ја презакажа за утре.

Во последен момент од владата добивме информација дека денешната седница е одложена. Причината не е позната. А токму една од точките на кои треба да се разговара на „Илинденска број два“ е прашањето со која од комерцијалните банки од земјава ќе продолжи да соработува со државната компанија Македонска пошта. Во моментов платниот промет во државната компанија е парализиран поради пропаѓањето на Еуростандард банка.

Од Македонска пошта велат дека секојдневно очекуваат да добијат одговор од Владата и веднаш да започнат со преговори со нова банка. За Алсат велат дека работат со големи потешкотии и со финансиски загуби. Платен промет нема и вршат само испорака на писма и пратки, но исто така со големи проблеми бидејќи и тие на некој начин се врзани со платниот промет. Од државната компанија велат дека загрозени се над 800 работни места. Поради тоа што Македонска пошта нема склучено договор со банка, не може да наплатува сметки за струја и останати комунални давачки. Но позагрижувачки е тоа што доцнењето со избор на нова банка, ја стопираше и исплатата на пензии и социјална помош на примателите кои ја добиваа на домашна адреса преку поштар.