Економија 02. ноември 2020. / 11:20

Гувернерката Бежовска: Во Ковид кризата за првпат ја олабавивме монетарната политика

Гувернерката Бежовска: Во Ковид кризата за првпат ја олабавивме монетарната политика

Иновативно работење во справувањето со економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19, презентираше првата жена на Народната Банка.

Oва е прва криза во којашто првичниот одговор на Народната банка е олабавување, а не заострување на монетарната политика. Ковид-кризата ја дочекавме со високо и соодветно ниво на девизни резерви, посилни фундаменти на економијата и отсуство на нерамнотежи, што се гледа преку солидната надворешна позиција на економијата и умерената инфлација, оценува гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

– На пример, за време на глобалната финансиска криза, понискиот прилив на капитал во македонската економијата итогашната зголемена склоност на економските агенти кон еврото наметнаа зголемување на основната каматна стапка за да се стабилизираат очекувањата, но тоа доведе до пораст на каматните стапки на кредитите и забавување на кредитната поддршка. Овојпат е поинаку, зашто ковид-кризата ја дочекавме со високо и соодветно ниво на девизни резерви, посилни фундаменти на економијата и отсуство на нерамнотежи, што се гледа преку солидната надворешна позиција на економијата и умерената инфлација”, истакнала гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на гувернерската панел-дискусија на е-конференцијата „Ковид-19: влијанието врз економијата и политиките на централните банки”, организирана од Лондонската школа за економски и политички науки и Банката на Албанија.

Во рамките на своето излагање, како што соопшти нејзиниот кабинет, Ангеловска-Бежоска се фокусира на политиките на централните банки од регионот во текот на актуелната криза, осврнувајќи се и на ефектите постигнати досега, како и на предизвиците за монетарната политика за натамошниот среднорочен период.

-Со оглед на сериозноста на шокот предизвикан од пандемијата, со научените лекции од глобалната финансиска криза и со достапноста на веќе подготвениот неконвенционален пакет алатки, овојпат во регионот монетарната реакција беше побрза и посилна, а и подобро усогласена со фискалната политика, нагласи гувернерката.

Коментирајќи ги ефектите од преземените монетарни мерки, Ангеловска-Бежоска нагласи дека меѓу другото, придонесоа да не се зголемат трошоците за финансирање, односно каматните стапки и натаму се намалуваат, а се задржа и солидната кредитна поддршка. Притоа, кредитниот раст продолжи да расте стабилно во речиси сите земји од регионот, со просечна стапка од околу 6,2%, а во нашата земја, како што посочи гувернерката, дури и забрза и изнесува 7,3%.