На 1 октомври, ден после референдумот, грчкиот министер за енергетика и животна средина Јоргос Статакис доаѓа во посета на Македонија. Со властите ќе преговара кога конечно ќе биде рестартиран нафтоводот Солун – Скопје за што нашата влада не дава дозвола. Преговорите меѓу двете страни почнаа уште летово под водство на вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши. Статакис во интервју за грчките медиуми вели дека со повторното пуштање на нафтоводот нашата земја ќе станела регионален центар за деривати.
„Што се однесува до секторот на течен гас во тек се преговори за повторно отворање на нафтоводот Солун – Скопје со цел, меѓу другото, да се искористат складиштата во рафинеријата ОКТА кај нашиот северен сосед за снабдување на земјите од регионот“, вели Јоргос Статакис, Министер за енергетика и животна средина на Грција.
Сепак, услов дали и кога низ цевките на нафтоводот повторно ќе протече дизел гориво е договорот на државава со рафинеријата ОКТА кој завршува следната пролет. А, од пуштањето на нафтоводот зависи и новата методологија за пресметка на цените на нафтените деривати која треба да се изготви следната година. Ова евентуално би требало да го поевтини дизелот бидејќи според сегашната методологија за транспорт на ова гориво, се пресметува трошок од 27 долари за тон.
„Точно е дека ОКТА не работи, но начинот на пресметка на цените е утврден со договорот утврден 1999 година. Тој договор знаете дека и во минатото имаше многу обиди да се промени да се раскине. Сите знаете дека завршија малку неславно. На крајот државата се порамнуваше и враќаше одредени пенали кон грчкиот инвеститор“, изјави Марко Бислимовски, Регулаторна комисија за енергетика.
Главниот аргумент во преговорите за повторно пуштање на нафтоводот на грчката страна е тоа што Македонија не го почитува купопродажниот договор за ОКТА и не ги откупува договорените годишни количини мазут.
Аргументот на Владата пак, е тоа што рафинеријата ОКТА во Скопје нема производствен процес уште од 2013 година. Хеленик Петролеум пред неколку месеци најави тужба против Македонија со кој ќе бара оштета од 35 милиони евра бидејќи државата пет години не откупувала мазут од ОКТА. 20 годишниот договор што го потпиша Владата на Љубчо Георгиевски завршува во март следната година. Сопственик на нафтоводот Солун –Скопје е компанијата Вардакс каде Македонија има 20 отсто од сопственоста.