Граѓаните кои уплатиле туристички аранжман, а тој им пропаднал поради кризата со корона вирусот, ќе добијат ваучер од туристичките агенции со важност до 31 декември следната година.
Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека е изготвена уредба со законска сила, со која на агенците ќе им се овозможи да издаваат ваучари во износ на уплатената сума што може да се искористи за кое било следно патување заклучно со крајот на 2021 година.
На тој начин сите клиенти кои поради настанатата ситуација со корона кризата ги откажале своите аранжмани нема да ги изгубат уплатените средства на износот што го уплатиле, а во исто време туристичките агенции би можеле да го издржал финансискиот товар кој би се распределил на подолг временски период – изјави Бектеши.
Издавањето на ваучерите ќе биде унифицирано за сите агенции и ќе се реализира со согласност од двете страни, односно туристичката агенција и патниците.
Туристичките агенции кои ќе престанат да ја вршат дејноста ќе имаат обврска средствата во целост да им ги вратат на клиентите, а тие што нема да ги почитуваат условите за издавање ваучари ќе добијат соодветни казни согласно со законите за туристичка дејност и за прекршоци.
Бектеши соопшти дека на барање на Министерството за економија и за поддршка на туризмот, кој е најпогоден од кризата, Здружението за заштита на авторски и музички права (ЗАМП) донело одлука да ги ослободи од плаќање надомест за музика, рестораните, хотелите, кафулињата и останатите субјекти што плаќат ваков надомест, имајќи предвид дека воопшто не работат.
Заедно со Фондот за туризам кој веќе беше формиран и со останатиот пакет економски мерки на коишто интензивно работиме можам да кажам дека ќе бидат прифатени речиси сите барања од туристичкиот сектор – вели Бектеши.