Економија 22. мај 2018. / 12:41

Главниот извршен директор Андреас Елснер заминува од Македонски Телеком

Главниот извршен директор Андреас Елснер заминува од Македонски Телеком

Главниот извршен директор и член на Одборот на директори на Македонски Телеком, Андреас Елснер, на 1 јули годинава заминува од компанијата, соопшти Македонски Телеком.

На позицијата главен извршен директор на компанијата, Елснер е назначен во мај 2017 година и под негово водство компанијата забележала позитивен пресврт во работењето. Тој заминува од компанијата со успешни резултати во првото тромесечје од 2018 година, со раст од 2,6% во однос на минатата година.

Елснер дојде во Македонија во 2014 година како одговорен на Секторот за управување со односи со корисници и корисничко искуство, а набрзо потоа, во 2015 година, стана главен оперативен директор за приватни корисници, со клучна улога во развојот и спроведувањето на стратегијата за конвергентни решенија и услуги, што беше вистински предизвик на пазарот, ги наведува Македонски Телеком работните ангажмани на Елснер во Македонија.

Секое десетто семејство во Македонија денеска ги користи предностите на Магента 1, пакет конвергентни услуги од Македонски Телеком, наведува компанијата и дополнува дека една од цврстите определби на Елснер е компанијата да го предводи патот на дигитализацијата на македонското општество, преку конкретни проекти, како што е создавањето на првиот Инкубатор за дигитални таленти. Според МТ, Елснер посветено работел на создавање „паметни“ решенија за подобри еколошки услови во градовите.