Инвеститорите од германските компании Марквард, Кромбер и Шуберт, Костал и Гентерм, бараат намалување на царинските давачки за одредени репроматеријали, пренесе Дојче веле.
На средба во владата тие се пожалиле дека поради повисоки царини за одредени репроматеријали нивните производи губеле на конкурентност. Притискаат за промена на царинските стапки за кои тврдат дека биле многу повисоки од истите во земји од Европската Унија и регионот. Дел од нив поради ова дури и ги замрзнале плановите за проширување на своите инвестиции. Ќе почекале да добијат намалување на царинските тарифи:
-Проблемот е што некои од фирмите што сакаат да ги зголемат инвестициите истите ги ставаат на стендбај, бидејќи иако тука работната сила им е евтина, се жалат дека крајниот производ им е многу поскап. Тие царини се можеби и до 15% повисоки од ЕУ или во некои други поразвиени држави. Станува збор за електронски компоненти кои ги користат дел од инвеститорите со покомплексно производство. Ова не се однесува за сите компании, туку за дел од нив, меѓу кои има и такви кои се жалат и на царинските процедури. – објаснуваат за Дојче веле од Германската стопанска комора во Македонија.
Деновиве тие оствариле средба со министерот за финансии Драган Тевдовски, пред кого ги изложиле своите конкретни предлози за промена на одредени царински стапки:
– Дел од присутните компании планираат проширување на своите инвестиции, но првично ќе почекаат на намалување на царинските тарифи. Тие се жалат дека царините ги прават неконкурентни и во такви услови не можат пред своите централи да образложат зошто би ја прошириле инвестицијата во Македонија и би отвориле нови работни места. Сметаат дека Македонија на ваков начин ја губи конкурентноста. – велат од Германската комора.
Дојче веле стапи во контакт и со некои од менаџерите во овие компании кои сепак не сакаат да изнесуваат детали за нивните барања и инвестициски планови. За целата постапка упатија на надлежните. Во Владата ги сослушале, им ветиле дека ќе направат анализа на доставените барања и ќе вложат напори за да се најде соодветно решение. Но неизвесно е какво ќе биде тоа ако се има предвид дека станува збор за компании кои веќе уживаат огромни бенефити за своите инвестиции во Македонија. Од Владата засега официјално не сакаат да коментираат ништо конкретно. Се разгледувале опции и се правеле анализи дали воопшто има простор за решение.
– Тие фирми прават енормни профити и сѐ уште, освен од царина, во буџетот од нив не влегува ништо, бидејќи не се надминати тие 10 години период којшто го добиваат како поволност со низа даночни ослободувања, што беше политика на претходната Влада. Сѐ друго останува за нив. Има некоја идеја да се направат одредени корекции во делот на царините, но само за нови инвестиции, не и за веќе постојните. Тие исто така би добиле доколку ја прошират инвестицијата. Но проблем е, бидејќи од овие капацитети во буџетот влегуваат само средства од царини и придонеси за вработените. Ако се минимизира таа тарифа, државата ќе губи милионски суми, бидејќи ќе создава дупка во приходите во буџетот. Од една страна, се мислиш за приходите, но од друга страна ќе има нови вработувања и на некој начин пак ќе се вратат парите во буџетот. Но ајде, допрва ќе видиме. – коментира за Дојче веле владин претставник кој инсистира на анонимност.