Слободан Кутревски, мнозински акционер и извршен директор на „Пекабеско“, сам си додели награда од 1,18 милиони евра.
Акционерот Слободан Кутревски поддржува предлог на акционерско собрание, директорот Слободан Кутревски да добие награда од 1,18 милиони евра. Хорор за малите акционери кои побараа спас од Комисијата за хартии од вредност повикувајќи се на член 399 од ЗТД. Ќе го сопре ли КХВ Кутревски или тој акционерите ќе направи „шунка во црево“?, прашува Фактор.
Деновиве се испишува нова страница во 25 годишната македонска корпоративна историја. Најголемата македонска месна индустрија „Пекабеско“ ќе додели награда од 1,18 милиони евра на својот прв извршен директор Слободан Кутревски, пишува во предлог одлуката за која ќе се гласа на претстојното акционерско собрание на таа компанија. Дали е ова пародија како во стриповите со „Алан Форд“ и анти јунакот „Супер Хик“ кој граба од сиромашните да даде на богатите?
За да биде сликата за претстојното собрание комплетна: предлогот можеби го дава, а сигурно го поддржува Слободан Кутревски најголем акционер што поседува 79 отсто од акциите. Наградата од акционерот треба да ја прими истиот Слободан Кутревски во својство на прв извршен директор на „Пекабеско“.
Доколку помине овој предлог акционерот Кутревски ќе одобри на државата да се плати данок за наградата кој изнесува 18 отсто заради износот. Ако парите од добивката се поделеа како дивиденда данокот е персоналец и изнесува 15 отсто.
Ова е прв пат во нашата корпоративна историја да биде објавен износ за награда што надминува 1 милиони евра. Воопшто ова е прв пат да биде објавен значаен износ за награда со одлука на акционерско собрание. Вообичаена пракса досега во нашите корпоративни релации беше наградите за врвните менаџери да ги определува надзорниот орган по претходно генерално овластување од собрание на акционери. Со тоа најчесто банкарите успеваа своите менаџерски бонуси т.е. награди да ги добијат легално, а јавноста никогаш да не ги дознае износите. За жал се уште најголемите банки, со еден исклучок, не ги ниту објавуваат годишните плати ниту бонусите на своите врвни менаџери.
Во предлог одлуката пишува дека околу 800.000 евра од добивката за 2018 година се планирани за нови инвестиции, а останатите 1,18 милиони евра се награда за првиот извршен директор Слободан Кутревски, кој воедно е и најголем поединечен и истовремено и доминантен акционер во гигантот „Пекабеско“.
Кој е Слободан Кутревски?
Кутревски е 64 годишен дипломиран економист со речиси 40 години работно искуство. Од тоа првите пет години во Народната банка на Македонија, а останатите 35 години во ПКБ – Комерц од Белград, правен претходникот на „Пекабеско“. Во „Пекабеско“ Кутревски е 1998 година како извршен директор, а до 2008 година до сега е први извршен директор на најголемата македонска компанија која произведува месни преработки. Ова се официјални податоци објавени во биографијата на Слободан Кутревски.
Каде е „Пекабеско“ во однос на конкуренцијата?
Скопската индустрија специјализирана за месни преработки „Пекабеско“ е убедливо најголемата домашна месна индустрија, покажуваат официјалните податоци кои се јавно достапни. „Пекабеско„ лани остварил приходи од 78 милиони евра и тие во споредба со 2017 година пораснале за 9 отсто. Нето профитот на „Пекабеско“ лани е речиси 2 милиони евра.
„Пекабеско“ е недостижен за својата конкуренција ако воопшто може да се каже дека има конкуренцијата. Тоа е така заради тоа што збирот на приходите што ги оствариле лани: МИК Свети Николе, „Агриа“, „Промес“, македонското претставништво на „Перутнина Птуј“, „Солета“, „Еуромес“, „Екстра Меин“, УКА Комерц и „МИС Глобус“ се помали од приходите на „Пекабеско“ остварени лани.