Економија 27. март 2019. / 10:38

Фондот ќе го покрива лекувањето и во приватните болници

Фондот ќе го покрива лекувањето и во приватните болници

По претседателските избори ќе почнат подготовки за физибилити-студии со кои ќе се анализира дали граѓаните, освен во јавните здравствени установи, можат да се лекуваат и во приватните болници, а услугите да бидат покриени од Фондот за здравствено осигурување, објави Независен. Сето тоа ќе биде спроведено преку јавно-приватно партнерство. За да се спроведе ваквата новина, веќе е разговарано и на неа ќе работат Фондот и Министерството за здравство, потврдува за „Независен весник“ ресорниот министер Венко Филипче.

-Ќе почнеме со физибилити-студии по изборите преку партнерството да можат да се лекуваат граѓаните и во приватните болници, со што ќе немаат обврска да плаќаат за услугата, прегледот или лекувањето од свој џеб, туку тоа да биде покриено од Фондот за здравствено осигурување. Тоа значи дека преку форма на јавно-приватно партнерство ќе им биде овозможено на пациентите да ги користат сите ресурси. Сметаме дека ваквото решение ќе биде поефикасно, а ќе има и заштеди, објаснува Филипче.

Вакви новини, кои ќе значат бенефит за граѓаните да се лекуваат во приватните болници на товар на Фондот, најави и премиерот Зоран Заев. Меѓутоа, до реализацијата, јавните здравствени установи ќе треба да даваат квалитетни здравствени услуги, за да нема поплаки од пациентите дека од дома треба да си донесат чаршафи или перници, ако треба да бидат задржани на болничко лекување.

Јавните здравствени установи ќе мора да ги ‘засукаат ракавите’, да бидат конкурентни со приватните болници и да направат исти услуги како во приватните. Фондот за здравствено осигурување се нарекува фонд зашто сите полниме во него, за да ни се најде кога ни треба. Ќе дојдеме до систем каде што граѓанинот, кој го полни Фондот, кога ќе се разболи да може да избере дали ќе дојде во општа болница во Куманово или ќе оди во приватна болница, а услугите ќе треба да ги покрие Фондот, без тој да плаќа од свој џеб. Сметам дека ќе опстои онаа здравствена установа што нуди квалитетни здравствени услуги, а сè што не може да опстои од јавното здравство ќе се затвори, болница, клиника, амбуланта, ако таму не се нуди квалитетна здравствена услуга, рече Заев.

Во тек се изработки на физибилити-студии за јавно-приватно партнерство за ПЕТ-центарот, за ин витро фертилизација и Брзата помош.

-Тендерите за физибилити-студиите се отпочнати, треба да завршат согласно зададените рокови, фирмите што треба да ги изработат за ПЕТ-центарот, ин витро фертилизација и Брзата помош се избрани, додаде Филипче.

Министерството заедно со Фондот прават и финансиска анализа како во регионални болници и центри за физикална терапија, кои имаат многу трошоци, а немаат ефикасно и ефективно работење, да вложи приватен партнер согласно практиките во развиените земји. Преку „аутсорсинг“ се планира да се отвори и празното гинеколошко одделение во Неготино. Тендерска постапка за јавно- приватно партнерство треба да започне и за стерилизација. Ова следува откако надлежните донесоа одлука да се спроведе ваква форма и за оваа сервисна услуга што, пак, ќе значи приватна фирма да ги одржува и инструментите за операција кои се користат во јавните здравствени установи.

-Во неколку наврати разговаравме со вработените во службата за стерилизација. Сè што сакаме да го имплементираме се европски стандарди заради тоа што навистина има големи предизвици и не можеме да ги надминеме на поинаков начин. Тоа значи да има нови инструменти, современ модерен начин на чистење и дезинфекција на операционите сали и современо третирање на медицинскиот отпад. Сето тоа го ставивме во еден пакет и се надевам дека ќе даде резултати кои во скоро време ќе бидат видливи за здравствените работници, а крајниот бенефит ќе го почувствуваат пациентите, посочи министерот.

Инаку, тендерот за изработка на физибилити-студијата и анализата на можностите и капацитетите на услугата Брза помош и домашна посета, со цел изнаоѓање најдобар модел за воспоставување јавно-приватно партнерство, го доби Друштво за вештачења, консалтинг и обуки „Басме-КТ“ ДОО Скопје.