Струмичката фирма за транспорт „Тритерол“ која е во сопственост на блискиот соработник на премиерот Зоран Заев, Лефтер Андонов е една од компаниите кои добиле државна помош, а не ја исплатиле на вработените.
Владата денеска ја објави листата на фирми кои не ги испочитувале дадените средства, но, уште поважно е што речиси 800 вработени, останаа без денар на сметките пред новогодишните празници.
Интересно е што и во време кога премиерот Зоран Заев бил градоначалник на општина Струмица, фирмата „Тритерол“, но и други фирми на Лефтер Андонов биле посочувани како дел од мрежата струмички фирми кои најчесто добивале локални тендери и јавни набавки, пишуваше Лидер уште во септември 2019 година.
Сопственикот Лефтер Андонов важи за човек од доверба на Заев, велат струмичани. Во време кога СДСМ беа опозиција тој ја вршеше функцијата регионален координатор на југо-источниот регион во партијата. Откако Зоран Заев стана премиер тој доби функција советник за транспортна политика во кабинетот на премиерот на Република Македонија.
Според податоците на Управата за јавни приходи, 245 фирми, не ги испочитувале дадените средства, а речиси 800 вработени, останаа без денар на сметките пред новогодишните празници.
Владата ги субвенционираше нивните плати, а газдите си ги задржаа за себе, но од УЈП стигна предупредување, дека за една недела ќе им бидат блокирани сметките. Казните за несовесните сопственици се движат од 500 до 10 илјади евра, во зависност од големината на претпријатието.
Од Сојузот на Синдикати на Македонија денеска излегоа со соопштение дека покрај паричните казни, ќе бараат и кривична одговорност, затоа што, како што посочуваат, законот е еднаков за сите и не познава газди, граѓани или работници.