Економија

Фактор: Снаата на Ласкова се „избриша“ од основачите за Декодикс да го добие грантот

Фактор: Снаата на Ласкова се „избриша“ од основачите за Декодикс да го добие грантот

Снаата на Цветанка Ласкова, Христина Керкез, во Централниот регистар официјално е избришана од листата на основачи на компанијата Декодиск Доо, трговско друштво за истражување, инженеринг, производство, трговија и услуги, кое доби неповратен грант од Фондот за иновации и технолошки развој во висина од 20.000.000 денари, пишува Фактор.

Со тоа Керкез официјално се повлече од сопствеништво над фирмата. Договорот со „Декодикс“ не е потпишан и парите не се исплатени токму поради поврзаноста на фирмата со лице носител на јавна функција, откако за тоа дознаа медиумите. Поранешната естрадна работничка Цветанка Ласкова е советничка за култура во кабинетот на премиерот Зоран Заев.

Дали ќе им бидат исплатени парите зависи од Комитетот за одобрување инвестиции во Фондот за инвестиции и технолошки развој. Фондот побара од компаниите со одобрени грантови да достават изјави за поврзаност со носители на јавни функции под притисок на јавноста откако беше објавено дека државни пари добиле приватни фирми поврзани со актуелни функционери. Фирмите во кои како сопственици се јавуваат вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и пратеникот Хари Локвенец, се откажаа од одобрените грантови и ги повлекоа апликациите. Комитетот повторно ќе ги разгледува апликациите на компаниите кои се изјаснија дека се поврзани со лица на јавни функции, меѓу кои е и „Декодикс“.

Директорот на Фондот, Јован Деспотовски, пред неколку дена изјави дека во пресрет на седницата на Комитетот на која ќе се одлучува за четирите компании, добиле известување од „Декодикс“ за промена на сопственичката структура.

„Пред десетина дена во Фондот е доставено известување од компанијата ‘Декодикс’ за почната постапка за изземање од сопственичката структура на Христина Керкез. Очекуваме и известување дека е направена промената, но тоа нема да влијае на Комитетот, кој секако ќе ја разгледа и апликацијата на оваа компанија и ќе донесе одлука дали да им бидат исплатени средствата исто како и на другите три компании кои доставија изјави дека се поврзани со носители на јавни функции“, изјави за „Макфакс“ директорот на Фондот, Јован Деспотовски.
Централниот регистар постапувајќи по пријавата за упис на промена – истапување на основач со пренос на удел, го избриша името на Христина Керкез. Како сопственици на „Декодикс“ остануваат Горан Кунгуловски, Иван Кунгуловски и Нина Ангеловска.

„Декодикс“ како микро-претпријатие од ИТ-секторот за проектот „Декодирај ме“ доби неповратни средства од 19,95 милиони денари и заедно со своето учество од 8,56 милиони денари направи вкупен буџет од 28,5 милиони за иновацијата, меѓу десетици други компании-добитници, пишува Фактор.