Идејата за членство во Европската економска зона која овозможува слободен европски пазар, размена на работна сила и слободен транспорт на стоки, услуги и капитал, според шефот на државата Стево Пендаровски, е прифатлива само доколку биде дополнение и меѓузона кон нашето полноправно членство во Европската Унија.
Претседателот Пендаровски во интервјуто за МИА посочува дека дека Европската економска зона нуди економски можности и не отвора кон заедничкиот европски пазар, но нам не ни треба само економија и профит, туку демократија и политичко искуство.
Шефот на државата минатиот месец на онлајн конференција за Западен Балкан организирана од „Пријателите на Европа“ рече дека на земјава ѝ било понудено членство во Европската економска заедница, која била одбиена затоа што, како што додаде, нема друга алтернатива од полноправно членство во ЕУ.
Идејата на земјите од Западен Балкан да им се понуди алтернатива – членство во Европската економска зона, според германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), одновo излегува на површина.
Според весникот, актуелизирањето на ваквата идеја ги сведува на минумум реалните шанси на земјите од региот за полноправно членство во ЕУ.
ФАЦ смета дека ЕУ не сака целосно да се одвои од балканското соседство, а преку Договорите за стабилизација и асоцијација на земјите од регионот веќе им понуди меѓускалило кон полноправно членство.
– Рецептот, кој секогаш одново се споменува, гласи: Полноправно членство на балканските држави во Единствениот европски пазар. Со други зборови: целосно економско учество без право на политички глас, наведува ФАЦ.
Во однос на написот во германски ФАЦ, Пендаровски во интервјуто за МИА го нагласува ставот „не ни го ускратувајте членството во ЕУ еден ден како перспектива, кога ќе заслужиме, кога ќе испреговараме. Денес да влеземе во Европската економска зона, но не или-или, туку и-и“.
Шефот на државата посочува дека и Хрватска го минала патот преку Европската економска зона, но земјата никогаш не престанала да преговара со ЕУ и никогаш не и била понудена само првата опција – зачленување во ЕЕЗ, како замена за полноправно членство во ЕУ.
Властите, во меѓу време, ги продолжуваат напорите, средбите и лобирањата да се постигне усвојување на преговарачката рамка за членство на земјава во ЕУ.