Економија 13. јули 2020. / 11:23

Економијата во првите шест месеци на работ на пропаст

Економијата во првите шест месеци на работ на пропаст

Македонската економија останува заглавена во негативните показатели во сите сфери.

Во првото тримесечје од 2020 година, активното население во Република С. Македонија изнесува 967.733 лица, од кои вработени се 811.106, а 156.627 лица се невработени, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.  Стапката на невработеност, според ДЗС во овој период изнесува 16,2 проценти .

Според податоците на Агенцијата за вработување во Македонија само во месец јуни без работа останале 3.656 граѓани. Најголем дел од отпуштените работници се од производствениот сектор, по нив следуваат трговија на големо и мало и угостителство.

Со тоа расте и сиромаштијата во земјава. Од март до јуни регистрирани се  455 илјади граѓани кои живеат на праг на сиромаштија, коишто живеат со помалку од 108 денари дневно. Минималната помош за овие семејства изнесува 4,000 денари за домаќинствата со еден член до максимални 10 000 денари за семејствата со 5 члена.

Податоците на Агенцијата укажуваат дека од почетокот на кризата, поточно од март до крајот на јуни, без работа останале над 19 илјади граѓани, што повторно гласно говори за лошата состојба во економијата во земјава.

Граѓаните се соочуваат со масовни прекршувања на работничките права, со откази, со намалување на платите а некои пак и воопшто не добиваат плата.

Но растот на невработеноста не може да се препише само на корона-кризата која ја зафати Македонија.

Во јануари и во фeвруари нeвработeноста се зголемила за 2.700 во однос на дeкeмври 2019 година.

Македонската економија се соочува со сериозни проблеми, а во споредба со земјите од регионот бележи и полоши економски резултати.

Народната банка во проекциите во мај предвиде дека економијата годинава ќе падне за 3,5 проценти, а доколку има втор бран на здравствената криза и дополнителен пад на странската побаратувачка, можен е нов удар од 2,3 проценти. Министерството за финансии пак проектираше пад на БДП за годинава од 3,4 проценти.

Инаку во месец мај Македонија беше рангирана на дното во Европа според помошта за спас на економијата и според компаративната анализа со податоци од Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и Институтот за истражување на економијата „Сазадвеѓ“.