Секретаријатот за економија и финансии на ДУИ, подготви социјални и економски сет на мерки со цел закрепнување на економската и социјалната состојба на граѓаните и приватниот сектор, како одговор на последиците предизвикани од епидемијата на Ковид-19.
Предложените мерки имаат за цел да обезбедат поддршка за економијата со главен фокус на создавањето на работни места, одржување на социјалната и здравствената безбедност за граѓаните, како и помош за сите погодени од кризата.
ДУИ останува на ставот да нема намалување на платите во јавната администрација, додека за зголемување на потрошувачката предлагаат директна финансиска помош за граѓаните.
Нашата главна порака е дека зголемувањето на јавната и приватната потрошувачка ќе го поттикне економскиот раст. За таа цел, потребно е во овој момент да се забрза реализацијата на сите капитални инвестиции планирани за 2020 година. Предлогот на ДУИ за наредниот период е фокусот да се стави на реализацијата на сите градежни проекти: во изградбата на училиштата, градинките, спортските сали, патна инфраструктура, интензификација на градбата на гасната мрежа, инвестиции во водоводна и канализациона мрежа, но и енергетска ефикасност на објектите – соопштија од ДУИ.
Секретаријатот за економија и финансии (СЕФ) на ДУИ констатира дека првиот и вториот пакет на социо-економска помош на Владата, позитивно влијаел на зачувувањето на работните места и одржувањето на ликвидноста на локалните компании.
СЕФ смета дека сега е време Владата да излезе со трет пакет за социо-економско закрепнување, со фокус на стимулирањето на приватната потрошувачка преку таргетирање на граѓаните, ранливите социјални категории, деловните активности и особено микро, малите и средните претпријатија.
За да се стимулира домашната економија, предлагаме мерки за зголемување на локалното производство, што би се реализирале со поттикнување на граѓаните да купуваат локални производи, но и преку финансиска поддршка за зголемување на земјоделското производство.
ДУИ ѝ предлага на Владата сет нови мерки за најпогодените сектори како што се: туризмот, гастрономијата, транспортот, микро и мали претпријатија, индивидуални занаетчии, но и стимулирање на дигиталната економија – велат од партијата.
Секретаријатот ги разгледувал и изворите за финансирање на третиот пакет социо-економски мерки, вклучително и ре-алоцирањето на буџетските средства и заеми од меѓународни финансиски институции, како и издавањето на државни записи и еврообврзници по потреба.
Ова се само дел од мерките. Како што ДУИ предложи за првиот и за вториот пакет предлог мерки, така и за третиот социо-економски пакет, мерките ќе бидат доставен до Влада, со што се цели кон поддршка на домашната економија и поддршка на граѓаните за надминување на предизвиците во овој период.
Со овие мерки, ние создаваме можност за брзо надминување на оваа криза, со помали последици за сите нас – велат од ДУИ.