Германија е под „целосна контрола на Русија”, обвини американскиот претседател Трамп на самитот на НАТО во Брисел. Берлин се ставил во позиција да зависи од рускиот гас. На новиот гасовод не му се пишува добро.
Планираниот гасовод со малку грубото име “Nord Stream 2” треба да минува паралелно со еден гасовод поставен пред години и треба да биде поставен среде Балтичкото море, долг преку 1200 километри, од рускиот залив Нарва до германското место Лубмин во близина на Грајфсвалд. Проектот се финансира од приватни средства и ќе чини околу 10 милијарди евра. Половината од трошокот е на товар на германските концерни BASF-Wintershall и Uniper, на францускиот Engie, на австриската компанија OMV и на британската Shell. Другата половина е инвестиција на квази државниот енергетски гигант од Русија, Гаспром.
Во Брисел на самитот на НАТО, канцеларката Ангела Меркел ладно ги коментираше обвинувањата на американскиот претседател со зборовите дека Германија можела „да носи самостојни одлуки“.
Додека во ЕУ се расправа за предностите и слабостите на енергетската соработка со Русија, САД веќе кренаа ѕид од закани против Северен тек 2. Од август 2017 е на сила т.н. „CAATSA (Countering America’s Adversaries Through Sanctions Act)“, односно пакет закони со кои им се закануваат санкции на сите компании кои имаат бизниси со непријателите на САД, меѓу нив и Русија. Посебен дел од пакетот, односно поглавјето 232, се занимава исклучиво со гасоводите. Оттогаш над проектот Северен тек 2 се надвиснува заканата за можни американски санкции.