Нема да дозволиме на товар на работниците да се реализираат најавените мерки за финансиска поддршка на компаниите за исплата на плати за април и мај, вели првиот синдикалец, Дарко Димовски, во интервју за Фактор.
Вели дека ССМ и останатите синдикати за 1 мај одлучиле да бараат пред се здрави и безбедни работници, сигурни работни места, достоинствени плати и социјална заштита за секого. До ССМ, вели тој, секојдневно стигнуваат стотици поплаки од страна на работници, што за нарушени права, за бесправно отпуштање од работа, подметнати отказни решенија кои претходно се бланко потпишани и потоа активирани.
-Тоа што не загрижува е што овие проблеми се случуваат пред се во фирми каде работниците немаат синдикат и немаат синдикално организирање. Таму каде што има синдикално организирани, на пример во Охрид, домот на туризмот и угостителството и покрај кризата со корона вирусот, нема отпуштања. Работниците што се пуштени дома примаат по 80% од износот на платата, а тие кои доаѓаат на работа немаат никакви проблеми со примањата, ниту пак има отпуштања. Со здружението ХОТАМ кое ги претставува угостителските и туристичките работодавачи се применува колективниот договор. Хотелите кои се користат како карантин доделуваат и бонуси за вработените бидејќи тие потенцијално изложени на зараза, вели Димовски.
По донесената уредба со законска сила со која се предвидува и компании кои во одреден процент отпуштиле вработени да добиваат државна помош, вчера во Владата се одржа средба меѓу синдикалците, премиерот Спасовски, како и предводниците на економските и социјални ресори.
Од ССМ најпрво и „заблагодарија“ на министерката за финансии Ангеловска за „првомајскиот подарок“ и силно се спротивставија на услови кои овозможуваат отпуштање на работници. Димовски вели дека ако една голема фирма со 5.000 вработени има право да отпушти до 5% од работната сила тоа значи дека 250 работници ќе останат без работа. Треба да се почитува Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и да се обезбедат сите работници.
Целото интервју можете да го прочитате на порталот Фактор.