Економија 26. август 2020. / 08:43

Денеска почнува етапната исплата на августовските пензии

Денеска почнува етапната исплата на августовските пензии

Денеска почнува исплатата на августовските пензии. Министерството за труд и социјална политика информираше дека пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот.

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите што не користат картички, ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:

– в среда, 26 август, исплата на пензиите со висина до 11.000 денари;
– в четврток, 27 август, исплата на пензиите во висина од 11.001 денар до 14.000 денари;
– в понеделник, 31 август, исплата на пензиите во висина од 14.001 денар до 18.000 денари;
– во вторник, 1 септември, исплата на пензиите во висина над 18.000 денари.

Пензионерите што користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата со парите може да располагаат од среда, 26 август. Тие може да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.

За пензионерите што досега ја добиваа пензијата преку Еуростандард банка АД и кои сѐ уште не отвориле трансакциска сметка во друга банка преку која ќе продолжат да ја примаат пензијата, ќе следуваат дополнителни исплати на августовските пензии на 7.9.2020, 14.9.2020 и на 25.9.2020 година.

Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, а пензискиот систем е стабилени апелираат до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати затоа што етапната исплата е направена со цел да се избегне метежот пред банките и да се намалат можностите за загрозување на личното и јавното здравје.

Оттаму потсетуваат на обврската за носење лична заштитна опрема, која ги покрива пределот на носот и устата, како и на држење растојание при чекање ред пред и внатре во банките.