Економија 29. мај 2019. / 22:33

Циле повторно доби тендер во РЕК од Ковачевски

Циле повторно доби тендер во РЕК од Ковачевски

Битолската градежна компанија „Пелистер” на Силјан Мицевски-Циле, повторно доби тендер за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола вреден 12,6 милиони евра, објави Фактор.

На овој тендер цената за гигаџул е повисока за 8,3 отсто од последната добиена јавна набавка, а во конкуренција имало само уште една понуда. Откако Васко Ковачевски го презеде кормилото на РЕК Битола „Пелистер“ доби три тендери вредни над 21 милиони евра.

Најновиот договор за ископ е склучен на 20 мај годинава. Цената за гигаџул енергија е 96,4 денари, ќе се копа во рудникот Брод-Гнеотино, а рокот во кој „Пелистер“ ќе копа е една година. На тендерот имало само двајца понудувачи.

Сите три договори ги склучи Васко Ковачевски генералниот директор на РЕК Битола кој во јануари лани го превзеде управувањето со најголемиот производител на електрична енергија во земјава. Ковачевски, претходно како опозиционер, важеше за најжесток критичар на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и неговото управување со РЕК Битола. Особено беше критички настроен кон ангажманот на надворешни приватни фирми кои со своја механизација копаа и транспортираа јаглен и јаловина. Во периодот додека со РЕК Битола директорува Ковачевски е поништен еден тендер за набавка на градежна механизација. Ковачевски тогаш објасни дека тогашниот Закон за јавни набавки ограничува квалитет при избор на механизација. Во една прилика Ковачевски објасни дека со новораспишаниот тендер за механизација што уште трае ќе конкурираат најдобрите светски производители на градежни машини.

– Очекувам на тендерот да конкурираат гиганти како Катерпилар, Либхер и Коматсу. Овие компании може да понудат машини што не се расипуваат 15 години и на кои единствено што треба е да им се стави масло. Досега тоа не беше возможно бидејќи со претходниот закон за јавни набавки можеа да се јават компании чии производи имаат сомнителен квалитет и можевме само да си направиме дополнителни проблеми. – изјави тогаш Ковачевски.

Инаку, како што пишува Фактор, цената за ископ на гигаџул на „Пелистер“ на последниот тендер во споредба со претпоследниот тендер (јули лани) е повисока за 8,3 отсто. Со овој договор „Пелистер“ доби 5,2 милиони евра од РЕК Битола за 7 месеци работа.

Според достапни податоци кои досега се објавувани најголеми даватели на услуги за ископ на јаглен и јаловина на РЕК „Битола“ покрај „Пелистер“ биле „Трансмет“, „Силекс“ и „Гранит“. Цената на услугата во период од 2012 година до сега тендер варира од 54,7 денари постигната во 2012 година од страна на конзорциумот „Трансмет“ и „Силекс“ до цената од 144 денари за гигаџул по која договорот го добиле „Пелистер“ и „Гранит“. Конзорциумот„Пелистер“ и „Гранит“ добиле тендер по цена од 114 денари за гигаџул. „Трансмет“ сам добил тендер за ископ на јаглен и јаловина и по цена од 65,2 денари за гигаџул. Во октомври 2014 година двете компании „Трансмет“ и „Пелистер“ добиле тендер при што едната за гигаџул наплаќала 79 денари во блокот А, а друга наплаќала 93 денари за гигаџул во блокот Б.