Mинистерката за труд и социјална политика Мила Царовска на средба со пензионерите во нивното Здружение во Прилеп најави дека со јануарската пензија, пензионерите ќе добијат покачување од 700 денари, а до јуни усогласувањата, во просек, ќе ги зголемат пензиите за 900 денари.
Според Царовска, реформата во пензискиот систем дала одлични резултати со што се намалил дефицитот, а со порастот на минималната и на просечната плата, се создадоа услови за покачување на пензиите.
– Владата се грижи за сегашните, но и за идните пензионери. Реформата во пензискиот систем даде одлични резултати, со што заштедивме 3,7 милијарди денари во буџетот на пензискиот фонд. Тоа покажува дека дефицитот се намалува. Годинава имаше пораст на економијата, 15 отсто се зголеми минималната плата и пет проценти забележа пораст просечната плата. Тоа создаде услови и за зголемувањето на пензиите. Затоа воведовме трето, дополнително, усогласување кое ќе почне со исплатата на јануарската пензија (во почетокот на февруари). Сите пензионери ќе добијат по 700 денари. Воедно, пензионерите ќе ги добијат и дополнителните две усогласувања на пензиите, што до јуни наредната година зголемувањето просечно би изнесувало по 900 денари. На овој начин ја покажуваме грижата и за работоспособното население и за пензионерите – изјави Царовска.
Во Прилеп, Кривогаштани и во Долнени се вкупно 14.530 пензионери, од нив, само во Прилеп, се 12 500.