Економија 27. јануари 2019. / 13:55

Царовска: На 12.000 пензиски осигуреници не им биле префрлани придонесите од првиот во вториот пензиски фонд

Царовска: На 12.000 пензиски осигуреници не им биле префрлани придонесите од првиот во вториот пензиски фонд

Финансиска истрага покажала дека на 12.000 пензиски осигуреници на возраст од 40-тина години и многу од нив првовработени не им биле префрлани придонесите од првиот во вториот пензиски фонд. Без овие средства нивните пензии би биле далеку помалку, објави денеска Мила Царовска, министерката за турд и социјална политика.

Овие 12.000 наши сограѓани во периодот од 2007 до 2018-та година изгубиле по околу 400.000 денари. Не им се префрлувале придонесите во вториот пензиски столб. Овие граѓани ќе добијат писма во наредниот период од пениските друштва и од МАПАС дека ќе бидат обештетени. Најголемите задршки почнувале да се случуваат помеѓу 2009-та и 2010-та година – изјави Царовска.

Таа наведе дека во 2019-та ќе им се исплатат 19 милиони евра во фондот како на идни пензионери. Додаде дека претходната власт е виновна за тоа што се отворила дупка од  15 милијарди денари и со тоа пензискиот систем станал нестабилен.

Иако мрежата е мошне сложена, Царовска вели дека своевремено не реагирала ниту една институција, вклучувајќи ги ПИОМ, МАПАС и Агенцијата за вработување.