Економија 24. ноември 2020. / 14:08

Буџет: За опозицијата нереaлен и партиски, за власта ќе обезбеди економско заздравување

Буџет: За опозицијата нереaлен и партиски, за власта ќе обезбеди економско заздравување

Предлог буџетот за 2021 година од денеска  е пред пратениците во сопбраниската Комисија за финансирање и буџет.

На првиот ден од расправата, опозицијата обвини дека предлог Буџетот е нереален, огромен и неразвоен и е строго партиски.  Никола Мицевски, координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието изјави дека  буџетот покажува дека СДСМ не планира да ја помага економијата, не планира да го помогне реалниот сектор и граѓаните, не планира и не знае како да се справи со катастрофалните последици од Ковид-кризата, но затоа, многу добро знае како да се задолжи уште повеќе врз грбот на граѓаните.

„СДСМ и со овој буџет повторно ги намалува и онака малите средства за капитални проекти. Тие за наредната година предвидуваат 10 милиони помалку за капитални проекти. Чувството и фактот што го имаме сите граѓани на Република Македонија дека за време на владеењето на СДСМ никогаш и ништо не се гради, а парите ги нема, очигледно ќе продолжи и во наредната година. Во услови на криза, СДСМ реши да крати и да удри и по грбот на земјоделците. Тие предвидуваат намалување на средствата во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Токму СДСМ на земјоделците им ветуваше мед и млеко, а сега гледаме дека и нив ги изигра и излажа“, рече Мицевски.

Тој обвини  дека во Буџетот нема пари за помош на фирмите, за помош на земјоделците, за опремување на медицинските лица во справуавње со Ковид-19, а истиот содржи непродуктивни расходи.

„Расходите за плати во 2021 година се за 20 милиони евра или 4,1% повисоки од оние за 2020 година. Иако министерот најави дека нема да има зголемување на платите во јавниот сектор. Повторно лага. Исто така, расходите за стоки и услуги растат за фантастични 3,5 милијарди денари или 18% во однос на претходната година. Во услови на криза, раст на овие расходи буквално значи расфрлање со парите на граѓаните за непотребни работи на сметка на оние на кои им се далеку попотребни“, рече Мицевски.

Тој нагласи дека досега СДСМ потрошила многу пари, а не направила ништо.

„Потрошија три буџети досега, а не изградија ништо. Го нема Клинички центар во Скопје, ги нема ниту автопатите кои што ги ветија“, заклучи Мицевски.

За власта, Буџетот во 2021 година има три основни цели, зајакнување на финансирањето на системот на здравствена заштита, поддршка за заздравување на економијата, како и финансирање на основните функции на државата, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Нашата главна цел е, на среден рок да го забрзаме економскиот раст од 2-2,5 отсто што била во последната деценија на 4-5 отсто просечен годишен раст во следните пет години, притоа да постигнеме фискална консолидација за да обезбедиме одржлив и инклузивен раст, рече Бесими.

Тој ги наведе мерките и активностите преку кои ќе се спроведе економско заздравување и забрзан раст, потоа ќе следат политики за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, ќе се работи и на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, како и на инвестициите во човечки капитал.

Клучни елементи на фисклната политика за поддршката на макроекономската стабилност, забрзување на еконмскиот раст, а со тоа и зајакнување на потеницијалот за раст на домашната економија ќе бидат фискалната консолидација и редизајнирањето на буџетската политика во наредниот период.

 Планираната фискална консолидација опфаќа три главни аспекти: подобрување на наплатата на буџетските приходи, преку мерки за намалување на сивата економија, мерки за спречување и сузбивање на корупцијата и зајакнати инспекциски контроли, намалување и реструктуирање на буџетските расходи, преку кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор и иновациите, зајакнување на конкурентноста, социјална компонента за поддршка на најранливите категории на население и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, преку репрограмирање на јавниот долг и издавање на развојна државна обврзница, како и поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, приватизација на дел од акционерските друштва во доминантна или делумна државна сопственост, како и на дел од земјиштето во државна сопственост, но и финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства и основање на Развоен фонд за стратешки инвестиции, истакна Бесими.

Предлог буџет за министерот е реален, кој ги лоцира приоритетите и ги алоцира средствата на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

ПРОЕКЦИИ

Вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари, додека расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари.  Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 4,9 отсто од планираниот БДП или во апсолутен износ од 34,9 милиони денари или за 3,6 процентни поени понизок во однос на проектираното со вториот ребаланс од 2020.

Во Буџетот за 2021 година планирано е околу 17 милијарди денари да се остварат по основ на неданочни приходи, односно административни такси, концесии и други неданочни приходи и 3,2 милијарди денари како капитални приходи по основ на продажба на земјоделско земјиште и општествени станови, како и по основ на планирана дивиденда од АД Македонски Телеком. Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 68,3 милијарди денари или за 5 отсто на повисоко ниво во однос на вториот Ребаланс за 2020.

Тековните расходи се планирани во износ од 224,6 милијарди денари или за 3,9 отсто помалку во однос на планот за 2020 година, а се наменети за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на здравствениот сектор.

За исплата на плати се проектирани 31,4 милијарди денари, при што, како што рече министерот, останува определбата за оптимизација на администрацијата преку контрола на новите вработувања, како и подобрување на стандардот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи, за стоки и услуги се проектирани 21,3 милијарди денари, за набавка на лекови за третман на ковид-19 и набавка на вакцини спроведување на локалните избори и пописот во 2021 година, како и исполнување на НАТО стандардите. За тековните трансфери и субвенции се планирани 162,4 милијарди денари и се оденсуваат за социјалните трансфери кои се проектирани во износ од 120,6 милијарди од кои за исплата на пензии се 62,3 милијарди денари за социјална заштита на најранливите слоеви на населението наменети се средства во износ од 10,5 милијарди денари предвидени се и субвеции во земјоделството и за приватниот сектор.

Капиталните расходи за 2021 година се планирани на ниво од околу 23 милијарди денари или за 20 отсто повисоко во однос на планот за 2020 година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори и тоа: буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Наменети се за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Министерот наведе дека во рамки на проектираниот дефицит од 34,9 милијарди денари, отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 37,2 милијарди денари и отплатата на домашен долг во износ од 6,1 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Отплатата на главница по основ на надворешен долг го вклучува редовното сервисирање на обврските по надворешниот долг, додека отплатата на домашен долг ги опфаќа: отплати на државни обврзници во износ од 4,7 милијарди денари и отплата на структурни обврзници во износ од 1,4 милијарди денари.

Домашното задолжување е предвидено на ниво од 23 милијарди денари, а ќе се обезбеди преку задолжување со ДХВ. Со задолжување на домашниот пазар ќе се обезбеди финансирање под поволни услови, користејќи ги поволните каматни стапки. Со цел оптимизација на исплатите, намалување на ризикот за рефинансирање, како и искористување на ниските каматни стапки, основна заложба, според министерот, ќе биде оптимизација на портфолиото и зголемување на рочноста на издадените хартии од вредност.

Задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање на Еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал и преку повлекување средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти. Притоа, изборот на извор за финансирање ќе се темели на поволните тековни состојби на меѓународните пазари на капитал. Со цел да се управува прудентно со јавните финансии, Министерството за финансии ќе ја разгледа можноста за активно управување со должничкото портфолио преку операции на предвремен откуп на долг.

Согласно со проекциите на Министерството за финансии, државниот долг на крајот на 2020 година ќе забележи благо намалување и ќе изнесува 51,2 отсто, додека јавниот долг ќе изнесува 60,8 отсто.

Преземените и планираните политики и мерки, за министерот за фианансии, ќе доведат до забрзување на економскиот раст во наредниот период и ќе го зголемат потенцијалот на раст во домашната економија преку инвестиции во инфраструктурата, енергетиката, животната средина, човечкиот капитал и дигитализацијата.

Расправата во ова матично собраниско тело по Предлог-буџетот трае до 10 работни дена, по што следува расправа на пленарна седница. На предложениот документ поднесени се 528 амандмани, најмногу 390 од ВМРО-ДПМНЕ, останатите од Алијанса за Албанците и Алтернатива.