Економија 18. октомври 2018. / 19:36

Богоев за „Лидер”: Треба да се вложува многу повеќе во реконструкцијата на студентските и ученичките домови!

Богоев за „Лидер”: Треба да се вложува многу повеќе во реконструкцијата на студентските и ученичките домови!

Економски Лидер продолжува со отворањето на дебатата за ребалансот на буџетот. За ова прашање добивме став и од градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој е екс претседател на СДММ и претставуваше симбол на младинскиот отпор против претходната власт.

Од ребалансот, се чини, најмногу ќе настрадаат младите. Министерството за финансии крати цели 170 милиони денари за изградба и реконструкција на студентските и ученичките домови, што беше едно од најистакнатите ветувања на сегашната Влада во предизборната програма насловена „За живот во Македонија”.

Се кратат и 48 милиони денари за превод на книги од реномирани автори, а дури 87 милиони за изградба и реконструкција на основни училишта. Владата крати и 30 милиони денари, наменети за изградба на училишни спортски сали, 43 се одбиваат од контото за изградба и реконструкција на средни училишта и 50 милиони денари за спортски објекти.

Богоев кој за време на предизборната кампања се истакна во делот за младински политики како тогашен лидер на СДММ, во изјава за Лидер вели дека иако како градоначалник на Карпош нема поврзаност со ребалансот, смета дека треба да се трошат многу повеќе пари на реконструкција на студентските домови и општо на подигање на студентскиот стандард.

-Станува збор за одлука на Владата на Република Македонија и за нејзината оправданост веројатно може да дадат одговор надлежните институции.
Сепак, моето лично мислење е дека треба многу повеќе да се вложува во реконструкција на студентски и ученички домови, како и во подигнување на студентскиот стандард.
Повеќе години работев директно на прашањата за подобрување на статусот на младите, и како пратеник во Собранието на РМ, но и како претседател на СДММ.
Дадов иницијатива за укинување на екстерното тестирање (кое денеска е минато), а заедно со голем број на млади ја креиравме Младинската гаранција, како клучна мерка за справување со младинската невработеност, која денеска исто така се спроведува.
Сепак, како што споменав и погоре, во претстојниот период очекувам и барам поголема финансиска поддршка, за подобрување на условите во сите студентски домови. – вели градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, во изјава за Лидер.