Јавното претпријатие „Стрежево“-Битола нема да ја зголеми цената на водата за водоснабдување на населението во 2021 година.
Од менаџментот на претпријатието информираат дека и во наредниот период останува старата цена, односно 5,15 денари за метар кубен испорачана вода која потоа до населението се дистрибуира преку локалното ЈП „Водовод“-Битола.
–Владата ја потврди нашата намера и со одлука на редовна седница усвоен е ценовникот со кој и понатаму ќе се применува старата, актуелна цена на водата за снабдување на населението. Со постоечката цена од 5,15 денари за метар кубен сметаме дека можеме и нема никакви пречки да ја подобриме ефикасноста на водните услуги, преку обезбедување на најдобри по квалитет водни услуги со најмалку трошоци. Анализирајќи ги сите аспекти, времето во кое живееме во оваа година а можеби така ќе живееме и во 2021 година со пандемија од вирусот Ковид 19 и влијанието на пандемијата врз економијата но и врз животот на граѓаните, ние одлучивме цената на водата во 2021 да остане непроменета, потврди Методија Граматковски, генерален директор на ЈП „Стрежево“-Битола.
Според Граматковски, економските текови се сензитивни и при донесувањето на одлуката ги имале предвид сите аспекти што се од интерес на претпријатието, но и граѓаните.
Лично сметам дека правилно постапивме да останат истите цени за водоснабдување со кои ќе ги заштитиме интересите на крајните потрошувачи односно граѓаните. Ние како институција во идниот период со домаќинско работење и рационално трошење на ресурсите ќе ги зголемиме приходите од останатите дејности а ќе ги намалиме непродуктивните трошоци. И со оваа цена на водата ЈП „Стрежево“-Битола и понатаму ќе биде успешно претпријатие и ќе инвестира во нова опрема и современа технологија, како и во нови инвестиции кои ќе носат дополнителни приходи, нагласи Граматковски.
Како што е познато ЈП „Стрежево“-Битола во опфатот на надлежности го има и менаџирањето на вештачката акумулација „Стрежево“ која освен за потребите на агро-секторот и РЕК Битола, се користи и за дистрибуција на вода и деловна соработка со ЈП „Водовод“-Битола.