Економија 05. ноември 2018. / 10:56

Бислимовски: Регулаторната комисија не влијае на цената на нафтените деривати

Бислимовски: Регулаторната комисија не влијае на цената на нафтените деривати

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) регулира, контролира и мониторира бизнис од 2,5 милијарди евра на годишно ниво, но нема никакво влијание врз малопродажната цена на нафтата и нафтените деривати. Нити има вина кога се зголемува, ниту, пак, има заслуга кога поевтинува цената, оценува претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

Комисијата, како што вели тој, ја одредува цената на нафтата и на нафтените деривати по точно определен математички модел и нема никакво субјективно влијание врз висината на поместувањето на цените на одделните нафтени деривати. Најголемо влијание врз цената од над 60 отсто има курсот на доларот во однос на денарот по што следи берзанската цена на суровата нафта на светскиот пазар.

-РКЕ на секои 14 дена ги утврдува највисоките рафинериски малопродажни цени на нафтените деривати формирани според методологијата што е дефинирана во Анексот Д од Договорот за купопродажба на акции и за концесија на Рафинерија АД „ОКТА“ – Скопје, потпишан помеѓу Владата и акционерското друштво „ЕЛ.П.Е.Т. –Балканике“ како стратешки инвестиитор. Оваа методологија претставува математички модел што сам ги исфрла цените, со што прецизно е утврдена постапката за формирање на рафинериските цени на нафтените деривати- појаснува Бислимовски и додава дека РКЕ нема никакво влијание врз примената на методологијата и само ги вметнува податоците за цената на суровата нафта, курсот на доларот и давачките.

Во структурата на малопродажните цени на нафтените деривати, покрај рафинериската цена на ОКТА, што се пресметува согласно методологијата, влегуваат и трговската маржа, трошокот за превоз, акцизата за нафтени деривати, ДДВ, еколошката такса и надоместокот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати во чие утврдување РКЕ воопшто нема никакво влијание.

Регулаторната комисија за енергетика при пресметките, според Биуслимовски, секогаш нуди четири цени за нафтените деривати.

-Кога носиме одлуки за цени секогаш даваме четири цени, максималната и уште три цени намалени за 0,5 денари, но во принцип најголем дел од трговците со нафта и нафтени деривати се држат на максималната цена. Имаше само краток период кога Макоил се обиде да работи со пониска цена- посочува Бислимовски.

Регулаторната комисија за енергетика во јули идната година, кога истекува договорот за купопродажба на ОКТА, ќе носи нова методологија за пресметка на цената на нафтените деривати.

По завршувањето на договорот, вели, има можност за целосна либерализација на цената на нафтените деривати како што е во соседните земји, но тоа според него може да доведе до ценовен шок.

„И покрај воведувањето на акциза за дизелот од три денари од страна на Владата, Македонија според анализите што сме ги правеле се уште е една од земјите со најниска цена на акцизата за дизелот. Последните поскапувања и поевтинувања на дизелот покажуваат дека земјава се движи кон светскиот тренд – цената на дизелот да биде речиси иста со цената на бензините“, оценува Бислимовски.

Од регионот нешто поевтина цена на бензините има во Босна и Херцеговина, но таму се со понизок стандард од Македонија, а дизелот е скоро со иста цена како во земјава, иако не е со стандардот Д5.

Според последните публикации на https://ec.europa.eu од 22 октомври 2018 година просечната цена на бензините во Македонија е 1,2 евра, а на дизелот 1,118 евра. Пониска цена од земјава имаат само Андора, Босна и Херцеговина, Русија и Украина.

Во Андора цената на бензинот е 1,190 евра, а на дизелот 1,040 евра, во Босна и Херцеговина има иста цена на бензинот и на дизелот од 1,181 евро, во Русија цената на бензинот е 0,597 евра, а на дизелот 0,596 евра, додека во Украина бенизнот се продава за 0,965, а дизелот за 0,899 евра за литар.