Објавени се неколку јавни повици и во тек е евалуација на сите понуди за градење на фотонапонски централи, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Говорејќи на панел дискусијата „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност за подобра животна средина”, што се одржа во организација на Институтот за комуникациски студии, Бектеши нагласи дека истовремено при крај е изработката на законот за енергетска ефикасност, за кој очекуваме во третиот квартал од оваа година да го усвои Владата, а потоа да продолжат сите процедури во Собранието.
Министерството, како што посочи Бектеши, спроведува три мерки за енергетска ефикасност и за поттикнување на користењето на обновливи извори на енергија, како градење на соларни колектори, замена на дрвните прозорци со Пе-Ве-Це и набавка на печки на пелети од страна на домаќинствата. Тој информира дека во текот на оваа недела ќе биде објавен огласот за печки на пелети, додавајќи дека интересот кај граѓаните е голем.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во обраќањето на памелот изјави дека природниот гас може да се користи совршено за сите енергетски потреби, наведувајќи дека основните карактеристики на овој реагенс е тоа што најмалку 20 проценти е помала емисијата на штетните гасови и речиси воопшто не ослободува сулфурот.
Тој смета дека е многу важно земјава да влезе во процес на терцијална гасификација, односно гасот да биде достапен за широка потрошувачка, односно до домаќинствата.
– Примената на гас за домаќинствата значи поекономично греење, што мислам дека е атрактивно затоа што се намалуваат трошоците за затоплување на домовите и може да дојде до подобрување на економската состојба на граѓаните во краток рок, а за индустриските капацитети значи намалување на трошоците и можност за инвестирање во нови технологии – рече Шилегов.