Министерот за економија Крешник Бектеши беше дел од видеоконференција на тема „Можностите за подобра промоција на туризмот во регионот“ на покана на албанскиот министер за туризам и животна средина, Бленди Клоси.
На видеоконференцијата присуствуваа министри, државни советници и претставници од туристичкиот сектор од Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, кои се сложија дека туристичката индустрија во моментов се соочува со големи тешкотии поради пандемијата на корона вирусот и дека се потребни протоколите за влез на туристи во земјите и мерки за можното отварање на туристичката сезона во наредните недели.
Учесниците на конференцијата истакнуваат дека за таа цел е потребна заединичка координација и размена на мислења помеѓу земјите во регионот со цел побрзо да се ревитализира оваа индустрија и подобро да се промовира регионот и туристичките можности меѓу земјите.
Министерот Бектеши потенцира дека се потребни итни чекори за туристичкиот сектор кој е најпогоден во оваа здравствено-економска криза.
Неопходно е во овој момент земјите во регионот да соработуваат меѓу себе за побрзо да се надмине оваа здравствена криза која прерасна во економска криза во целиот свет. Како земја сме подготвени заеднички со сите земји во регионот да подготвиме заедничка програма со која ќе го промовираме регионот како единствена туристичка дестинација, посебно оваа година к0га штетите во туризмот ќе бидат најголеми – потенцираше Бектеши.
Министерот ги повика претставниците од туристичкиот сектор во регионот преку заеднички мерки да ја искористат оваа криза како можност за продлабочување на соработката со што е можно да се привлечат поголем број на туристи, не само од регионот, туку и од трети замји.
Македонската Влада усвои мерки за стимулирање на домашниот туризам преку модел на ваучери за граѓаните кои ќе ги користат во домашните туристички капацитети, но и ваучери за поттикнување на приватната потрошувачка во земјата пред се во угостителскиот сектор кој е најпогоден – потенцираше министерот Бектеши.
Тој информира дека Владата и здравствените власти во земјава работат на протоколи за постепено отварање на границите пред се со соседните земји.
Треба да реагираме брзо, да го мотивираме и промовираме регионот како една заедничка дестинација. На тој начин може да оствариме заеднички напредок – порача Бектеши.
Министерот за туризам на Албанија, Клоси истакна дека дека во моментов за туризмот во регионот се важни три клучни работи.
Потребно е постепено отварање на границите во земјите во регионот, во согласност со препораките на здравствените власти во земјите. Да се поттикнат туристички парувања на граѓаните од регионот да летуваат во туристичките дестинации во регионот, а неопходно е да се зголеми промоцијата на регинот како заедничка дестинација – потенцира Клоси.