Економија 13. февруари 2019. / 17:01

Азири: Им дадовме финансии на албанските уметници зошто беа дискриминирани

Азири: Им дадовме финансии на албанските уметници зошто беа дискриминирани

Државниот секретар во министерството за култура, Валмир Азири, бил разочаран што уметниците реагирале, наводно против Албанците, за распределбата на финансиите.

Тој смета дека албанските здруженија биле дискриминирани со години наназад, па затоа одлучиле да им дадат финансии. Азири вели дека уште 2017 година биле преземени мерки, како позитивна дискриминација за албанските уметници, бидејќи била нанаесена голема штета врз албанската култура.

– Разочарувачки е фактот што уметниците, нашите македонски колеги од незнаење за нивните етнички албански колеги, праваат предрасуди и споредби, како што се: ‘Зошто за нив, а не за нас’, или: ‘Зошто на наш грб се поддржани нивните проекти’. Ова претставува најниска точка која може да ја постигнат луѓето кои создале стереотипи за една заедница која соработува, коегзистира и придонесува еднакво во оваа земја. – вели Азири, пренесе Макфакс.

Тој во обраќањето се осврнува и на реакциите по однос на прераспределбата извршена минатата година.

– И во 2018 година со донесувањето на програмата на Министерството за култура, сите наши македонски колеги, поддржани од некои т.н. космополити, стигматизираа, ширеа предрасуди и зборуваа со презир кон албанските проекти. Дури и минатата година, Џез-фестивалот, Тетовскиот филмски фестивал, Ансамблот, разни концерти, уметнички колонии, разни претстави и други проекти беа посочени како несериозни проекти. Типичен пример е случајот со здружението ‘Алегрето’, здружение кое веќе неколку години успешно организира еден од најважните настани на сериозната албанска музичка сцена. Сите фрлаа камења и дрва кон ова здружение, додека времето покажа дека имавме право за поддршката што ја дадовме за ова здружение. – истакнува Азири.

Државниот секретар во министерството смета дека тоа се случува и годинава.

– Се зборуваше и тогаш, а се зборува и сега за фантомски здруженија. Не, тие не се фантомски здруженија туку се здруженија на албански уметници кои во текот на годините беа дискриминирани од ова министерство, тие се здруженија кои се создадени од невозможноста институционално да добијат дел од буџетот од Министерството за култура бидејќи основањето на институции во Западна Македонија во времето беше табу-тема. Овие асоцијации, овие културни активисти, овие уметници се бореа со срце и душа и со самопожртвувана работа за да се посветат на уметноста и да станат дел од културната сцена во Република Македонија. Во 2017 година беа направени првите чекори во креирање проекти и политики кои би претставувале позитивна дискриминација врз албанските уметници бидејќи штетата предизвикана во културата, а особено на албанската култура, предвидуваше еден таков чекор. – појаснува тој.