Економската политика на владата тотално ја осиромашува целата држава. Илјадници луѓе веќе остануваат без работа, ги отпуштаат компаниите од своите работни места, а никој не превзема никаква мерка само за да им помогне и да ги избави од целата ситуација, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на најавите за покачување на акцизата на горивото кој вчера стигна на предлог на Стопанската комора.
Според портпаролот на партијата, Димче Арсовски, покачувањето на акцизата за два денари ќе значи катастрофално одразување врз стандардот на граѓаните. Тоа ќе значи директно товар на грбот на граѓаните, осиромашување за дури 35 милиони евра годишно.
-Ова е недопустливо и ова е невидено. Ова е единствената влада во Република Македонија која што во моментов ја имаме, единствената влада во светот која што наместо да им помага на граѓаните и компаниите во ваква економска криза дополнително ги осиромашува, рече Арсовски.
Тој додава дека ваквата мерка ќе значи дополнително покачување на животниот стандард, на патниот транспорт, на транспортот на стоки, ќе значи покачување на прехранбени продукти и сите други.
-Целата спирала ќе влијае врз покачување на животниот стандард на граѓаните кои што дополнително во моментов се осиромашени и не се на своите работни места голем дел од нив, односно секој десетти граѓанин од приватниот сектор е отпуштен од своето работно место, рече Арсовски.
Тој потсети дека на почетокот на доаѓањето на СДСМ на власт, владата донесе законска уредба да се покачи акцизата за 3 денари што тоа значеше годишно удирање на грбот на граѓаните за над 48 милиони евра.