Економија 03. септември 2019. / 13:26

АППТ: 153,89 милиони долари девизен прилив во првата половина од годината од туризам

АППТ: 153,89 милиони долари девизен прилив во првата половина од годината од туризам

Долгорочен одржлив развој на туризмот за инклузивен економски раст на Македонија е визијата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Одржлив раст и зголемување на бројот на туристи што би придонеле значително за раст на економските активности поврзани со туризмот, намалување на сиромаштијата, зачувување на биодиверзитетот и менаџирање на природните ресурси, се клучни за пораст на девизниот прилив по ставка туризам.

Сега, кога веќе се насочивме на тоа нашaта национална економија да бележи раст, очекуваме туризмот да има клучна улога. Затоа, поддршката од сите засегнати страни за спроведување на политиките за реализација на стратешките цели е важна, обезбедува развој и одржливост на туризмот и туристичката индустрија, како и инклузивен економски раст на Македонија – велат од Агенцијата.

Од таму додаваат дека за успешноста на нивниот тим и на сите засегнати страни (туристичкото стопанство) говорат и спроведените анализи од претходните години каде јасно се гледа преку покачувањето од 12% на странски туристи и бројот на ноќевања за 15% споредбено со изминатите две години. Порастот во бројот на туристи и ноќевања се одразува и во пораст на девизниот прилив по ставка туризам, каде се регистрира пораст од 16,7% за 2018.

Исто така во првите два квартала од 2019, забележан е пораст од 1,3%, споредбено со истиот период 2018, односно 153,89 милиони долари.

За првите шест месеци од 2019 година зголемувањето на бројот на туристи продолжува за 4%, додека ноќевањата за 2%, споредбено со 2018. И тоа, бројот на домашни туристи е зголемен за 5%, додека кај бројот на странски туристи има пораст од 4%.

Бројот на ноќевања остврени од домашни туристи имаат пораст од 1%, додека остварени ноќевања по основ туризам од странски туристи имаат згоменување од 3%. Најбрзорастечките пазари (по број на пристигнати туристи) споредбено 2018-2019 се Полска (раст на бројот на туристи од 73%), Хрватска има раст од 53%, бројот на туристи од Словенија е зголемен за 32%, бројот на посети од Израел е зголемен за 32%, додека бројот на туристички посети од Албанија е зголемен за 19%.

За 2019 година предвидениот раст ќе се движи помеѓу 3% до 5% во бројот на туристи и остварените ноќевања за 5% до 7%. Ова ќе овозможи дополнителен девизен прилив и кои се предвидува да достигне до 400 милиони долари. Достигнувањата на полето од промоцијата и поддршката и евидентните успеси со доброто стратегиско планирање за 2020 година треба да помогнат во целта на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за продолжување на позитивниот раст на туристичкиот сектор во 2020 година.

Со исполнување на стратегискиот план се очекува позитивен ефект врз туристичкиот сектор и овозможување на раст од 5% до 7% на туристите и остварените ноќевања, односоно да се надмине бројката од 1,3 милиони туристи и што поблиску до 4 милиони ноќевања, посочија од АППТ.