Владата иако ќе потроши 240.000 евра, сепак нема да ја чека анализата на консултантите за да реши како ќе го спасува прилепски „Еурокомпозит“. Пред еден месец Генералниот секретаријат обајви оглас за избор на консултанти кои треба да и понудат на Владата три модели како да ги продаде „Еурокомпозит“, фабриката за шински возила „Колска“ и ски центарот „Попова Шапка“.
Според процедурите, консултантот кој владата ќе го плати 244 илјади треба да биде избран до крајот на месецов, а анализата до Владата треба да ја достави на почетокот на септември. Но, од кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев, сепак велат дека и покрај тоа што се чека консултантска анализа, неопходно е да се спроведе најбрза постапка за реорганизација на загубарот „Еурокомпозит“, а една од опциите е и стечај.
„Владата на Република Македонија има став дека треба да се изнајде начин за спроведување на најбрза постапка за реорганизација на компанијата согласно законските прописи. Една од опцииите е да се примени законскиот модел по примерот на санирање на состојбата преку стечај кој се покажа како успешен во Фени, каде вработените останаа на работа во текот на целиот процес и земаат плата“, велат од кабинетот на Анѓушев.