Средства од Фондот за иновативност добија компании што имаат нови производи, а не компании блиски до власта, рече денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Во контекст на обвинувањата дека средства добиле фирми блиски до власта, вицепремиерот апелира да не се извртува вистината, особено кога се нема аргументи, за граѓаните да не добијат погрешен впечаток. Тоа што некои фирми ги повлекуваат своите инвестициски проекти, напомена Анѓушев, е повеќе заради сензитивноста на јавноста, а не зашто правниот аспект и законите во постапката не се испочитувани.
– Не добиле само компании блиски до власта и тоа воопшто не беше критериум. Одговорно тврдам дека ниту сум знаел кој аплицирал, ниту учествував во процесот на евалуација. Првпат во оваа држава македонските компании се изедначија со странските, истакна Анѓушев по прашањето на пратеникот Драган Цуклев.