Економија 18. јануари 2020. / 12:07

Ангеловска: Буџетот е во добра кондиција, финансиите се стабилни

Ангеловска: Буџетот е во добра кондиција, финансиите се стабилни

Буџетот е во добра кондиција, финансиите се стабилни, порача денеска министерката за финансии, Нина Ангеловска која во Владата одржа прес-конференција за тековното работење на институцијата.

Ангеловска посочи дека минатата година имало добра динамика на наплата со реализација на проекцијата за вкупни приходи од 97%, на ДДВ од 100%, додека на придонесите од 101,2% и рече дека очекува и годинава да има добра реализација на приходната страна.

– Работиме и на подобрување на наплатата на приходната страна – едниот начин е преку борбата против сивата економија. Тука можам да кажам дека во Министерството за финансии во напредна фаза е изработката на акцискиот план, кој преку низа мерки, кои се однесуваат на фискализацијата и спречувањето на даночната евазија, ќе ја адресира сивата економија. Втор начин е имплементација на технологијата во процесите, која ќе донесе поголема ефикасност и ефективност, рече Ангеловска.

Во врска со расходната страна на буџетот, Ангеловска рече дека исто така, се сервисира редовно и согласно законските рокови.

– Декемвриските пензии се исплатени навремено, а веќе од следниот месец пензионерите ќе добијат повисока пензија за 700 денари со исплатата на јануарската пензија. Во буџетот се обезбедени средства за покачувањето и обврската ќе се сервисира уредно и навремено. Ќе посочам дека со редовното усогласување на пензиите, пензиите ќе се усогласат за уште 160 до 200 денари што значи дека во 2020 година, пензиите ќе пораснат за околу 900 денари. Со ова покачување во 2020 година, просечната пензија ќе изнесува околу 15.500 денари, или за три години просечната пензија ќе се зголеми за вкупно 1.746 денари, изјави Ангеловска.

Додаде дека следниот месец ќе се исплатат и повисоки плати за 10% на околу 20.000 вработени во основното образование, 8.000 во средното, 4.500 во високото образование и 220 вработени во научните институции, а вкупното покачување на платите во основното, средното, високото образование и во науката, ќе изнесува 20,6%, имајќи ги предвид претходните две покачувања.

– Во март, пак, ќе се исплатат повисоки плати во здравството и тоа: платите на лекарите специјалисти се зголемуваат за 25%, додека пак на медицинските сестри за 10%. Кумулативно, со претходните зголемувања, основната плата на лекарот специјалист ќе биде повисока за 40%, а на медицинските сестри помеѓу 20 и 23%, рече Ангеловска.

Дополнително рече дека благодарение на мерката за субвенционирање на придонеси на фирмите кои ќе ја покачат платата на вработени до 6.000 денари, 8.200 фирми во ноември им ја покачиле платата на 47.200 вработени, додека во декември 22.600 фирми ја искористиле мерката за да им ја покачат платата на 114.000 вработени. За покачување на платите на овие лица се субвенционираат со 256,5 милиони денари (4,2 милиони евра) придонесите од страна на државата (исплатени 238,8 милиони денари или 3,88 милиони евра).

– На овој начин, освен што се излегува во пресрет на вработените, кои добиваат повисока плата, им се излегува во пресрет и на работодавците за да задржат квалитетни кадри, а воедно и се полни пензискиот фонд, порача Министерката за финансии.

Ангеловска се пофали и дека во првите 16 дена од јануари е извршен поврат на ДДВ кон фирмите во износ од 926 милиони денари или 15 милиони евра и дека со тоа продолжува добрата динамика од минатата година во која на фирмите по основ на ДДВ им беше извршен поврат од 401,9 милиони евра.

– Ова е за 7,46% повеќе во однос на 2018 година, 28,18% повеќе во однос на 2017 година, 44,19% повеќе во однос на 2016 година и 42,46% повеќе во однос на 2015 година. Ова е од исклучително значење за фирмите, бидејќи на овој начин се одржува ликвидноста, потребна за тековно работење, но и планирање на инвестициската дејност, рече Ангеловска.

Финансирањето на старите долгови исто така ќе се одвива непречено, рече министерката и додаде дека на 29-ти јануари ќе биде исплатена втората рата од ПБГ заемот од 2013 година од 155 милиони евра кои доспеваат во јануари. Кон крајот на годината доспева и еврообврзницата од 2015 во износ од 2015 во износ од 180 милиони евра.

-Овие заеми се рефинансирааат по неколкукратно пониска каматна стапка, благодарение на довербата на инвеститорите и водењето на прудентната политика на јавен долг, изјави Ангеловска.

Во однос на други активности кои се во тек во Министерството за финансии, министерката посочи дека до крајот на месецот треба да биде готова платформата Јавен долг, со која во насока на фискалната транспарентност – и граѓаните ќе имаат јасен преглед за долгот, како и рефинсирањето, односно раздолжувањето. Исто така се подготвува платформа за сива економија со која ќе се работи на зголемување на свеста на граѓаните и зајакнување на борбата против сивата економија.