Мала е веројатноста дека одлуката на Турција за зголемување на царините за некои американски производи, меѓу кои автомобилите, алкохолот и маслото ќе имаат големо економско влијание врз САД, оценува новинската агенција „Асошиејтед прес“.
Агенцијата смета дека сепак, ваквите контра-мерки можат да ги влошат дополнително односите со САД кои веќе предизвикаа валутна криза на турската лира.
Претходно денеска турската влада соопшти дека тарифите на американските автомобили ќе се зголемат за 120 отсто, а алкохолните пијалоци за 140 проценти.
„Севкупно станува збор за зголемување од 533 милиони долари, што е релативно мала сума која би значела одмазда за недамнешните одлуки на американскиот претседател, Доналд Трамп, за двојно зголемување на царините за турскиот челик и алуминиум“, оценува „АП“.
Зголемувањето на царините следеше ден откако турскиот шеф на државата, Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Турција ќе бојкотира американски производи и ќе побара нови партнери и пазари. Турската лира во последните неколку недели забележа рекордни падови, дури за 37 до 40 проценти. Падот на лирата, како што оценува „АП“, посебно е болен за Турција, бидејќи акумулира висок долг во странските валути.