Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, тврди дека мерката на претходната влада за распределба на месечен паричен надоместок за трето дете, не го постигна посакуваниот ефект. Според неа и покрај осумте илјади месечно за трето дете, имало пад на наталитетот. На годишно ниво се издвојувало по 2 милијарди и 6 милиони денари. Според неа, ова е демографска а не социјална мерка, објави 21ТВ.
Од друга страна Алијанса за Албанците, Беса и ДУИ се против одлуката на министерката за труд и социјална политика. Од ДУИ велат дека предлогот за укинување на социјалниот додаток за трето дете, треба да се разгледа.
– Демократската унија за интеграција смета дека политиките се одржливи кога се консензуални и ги исполнуваат очекувањата на граѓаните. Ние се ангажираме за формирање на здрави семејства и за создавање на услови за живеење, посебно младите да најдат перспектива во земјата, а не во некое друго место. Затоа сметаме дека оваа предлог мерка треба да се разгледа, анализира и унапредува. – вели Артан Груби од ДУИ.
Елми Азири од Алијанса за Албанците, истакна дека овој закон имаше позитивен ефект врз економската состојба на семејствата кои беа корисници на оваа мерка.
– Не држат вода информациите дека во оваа категорија на граѓаните, додаток добиваат и лица кои се во добра економска состојба. Владата се обидува да елиминира важен дел од социјалните трансфери кои влијаеја во подигнување на благосостојбата на граѓаните. Статистиките покажуваат дека имаме пораст на наталитетот во Македонија, секако дека тој наталитет не е ист во сите општини. Овој механизам на субвенции и на социјални шеми имаше ефект. – вели Елми Азири од Алијанса за Албанците.
Од Движење Беса, велат дека актуелната влада продолжува да ги дискриминира Албанците со нејзините политики.
– Најавите на Владата за укинување на законот за наталитет, директно ги засега Албанците, притоа се многу свесни за големите придобивки кои ги имаат Албанците од овој закон. Владините политики треба да бидат транспарентни и во доброто на сите граѓани без разлика на нивната етничка и верска припадност. – вели портпаролот на движењето Беса, Елмедин Мемиши.
26 илјади семејства кои досега добиваа по 8000 денари месечно, ќе продолжат да ги добиваат тие средства и во следните 10 години. Стариот закон ќе ги опфати и децата кои ќе се родат во следните 10 месеци, по стапувањето на законот на сила. Мерката за трето дете беше донесена во 2009 година, од владата на ВМРО-ДПМНЕ.