Афера со небезбедно говедско месо ја тресе Европа. Смрдливо расипано говедско месо од болни крави од полските кланици се извезувало во европските земји. Скандалот го обелоденија новинари кои се инфилтрирале во една полска кланица.
Засега од сомнителното месо од болни говеда од Полска се најде и во Словенија каде стигнало преку Германија. Од нашата Агенција за храна и ветеринарство велат дека во Македонија не е увезено сомнително месо од Полска.
Во Македонија има увоз од Полска, но месото кое е од таму е безбедно за употреба. Лани количината која влегла во земјава е двојно помала за разлика од 2017 година кога од ова земја увозот изнесувал 3.091.606 килограми. Во 2016 година од Полска биле увезени 2.291.600 килограми.
–Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство врши редовни контроли на домашниот пазар со месо, производи и подготовки со месо и на увозот на овој тип производи во земјава. Месото кое се продава на македонскиот пазар е безбедно. Увозот се врши исклучиво од одобрени земји за увоз, од одобрени објекти и задолжително со ветеринарно здравствен сертификат кој ја следи пратката, со кој се гарантира безбедноста. При увоз се врши задолжителна контрола на секоја пратка. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се врши и физички преглед на пратките. Контроли се вршат и при истовар на увезените пратки, велат во Агенцијата.
Од таму објаснуваат дека во рамки на одредени мониторинг програми и при сомнеж, од пратките кои се увезуваат се земаат и мостри за лабораториска анализа. За истите не се дозволува увоз во земјава, односно пратките се ставаат под надзор, се додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува дека пратката е безбедна.
Аферата беше обелоденета пред два дена откако во јавност излегоа тајните снимки на полските новинари кои покажуваат како во доцните вечерни часови со камиони се истураат едвај живи говеда кои потоа завршуваат на линиите за колење. Вработените под итно ги отстрануваат доказите дека кравите се болни, а нивното месо потоа добива ветеринарен печат како исправно и завршува на пазарот. Европските експерти се во паника. Велат дека доколку се утврди дека месото излегло од Полска како здраво и исправно за човечка исхрана, треба под итно да се одземе лиценцата за извоз.
Сомнително месо од Полска, од кланицата која обработувала месо од болни говеда и го жигосувала иако не било контролирано, се најде и во Словенија каде стигнало преку Германија.
Ова го јавија словенечките медиуми, а го потврди и државната агенција за безбедност на храна. Директорката на Инспекторатот за безбедност на храна и ветеринарство Андреја Бизјак потврди дека добиле производ кој го содржи спорното месо од Полска и оти станува збор за „една серија ќебапи“ кои во Словенија пристигнале преку Германија.
Инаку Полска е еден од најголемите извозници на месо во ЕУ. Полска во 2017 година извезла јагнешко во вредност од 1,5 милијарди долари, а дури 80 отсто од јунешкото месо кое се произведува во оваа земја е наменето за извоз. По објавувањето на стравичните снимки, полската влада повика на итна реакција да ги извести земјите кои увезуваат јунешко месо од Полска.