Денарот одбележува 28 години, а надлежните уверуваат на негова стабилност и одржување стабилен курс. Пред 28 години на денешен ден се донесени повеќе закони со кои се создадоа предуслови за осмислување и примена на самостојна монетарна политика од страна на Народната банка.
-Девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво. Народната банка располага со низа инструменти со кои гарантира дека девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен. Стабилноста на курсот била, е и ќе остане наш приоритет. Ние гарантираме дека денарот е и ќе остане стабилен, посочуваат во неколку наврати од Централната банка, откако почна коронакризата.
Оттаму потсетуваа дека девизните резерви што се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво, и тоа двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска за медиумите уверуваше дека граѓаните треба да бидат спокојни и дека не треба да постои никаква загриженост за домашната валута.
Денарот како национална валута во земјава е воведен на 26 април 1992 година, на денот на нејзиното монетарно осамостојување. На почетокот во првата година се користи како вредносни бонови, а во 1993 година како прво оригинално издание на денарот.
Книжните пари што се употребуваат и денес се пуштени во оптек на 8 септември 1996 година. Во оптек се пуштени книжни пари од апоени од 10, 50, 100, 500, 1000 и 5000, оваа последната е повлечена поради нејзиното мало користење.
Изгледот на македонските книжни пари го отсликува богатото културно наследство на Република Македонија, а е осмислен од ликовната уметница Билјана Унковска, а финалниот дизајн е изработен во печатницата „Де ла ру“, Велика Британија.
Како денарот го добил своето име?
Пеон, Статер, Лав, Македонски динар. Ова биле главните предлози за името на новата македонска валута пред да биде донесена одлуката таа да биде именувана како Денар.
Предлогот дошол од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) поточно од академик Петар Илиевски.
Сегашниот изглед на денарите е непроменет од 1996-та
Сегашниот изглед на денарот е воведен на 8-ми Септември 1996-та, на петгодишнината од македонската независност.
Банкнотите со помала деноминација, 10, 50 и 100 денари се печатени во Република Македонија, додека банкнотите со деноминации од 500, 1000 и 5000 денари се печатени во Обединетото Кралство.
Сегашните македонски банкноти содржат повеќе заштитни елементи како што се воден печат, заштитен конец, скриена слика, микро текст, двоен пасер и оптички променлива боја.