
Европската Комисија го презентираше предлогот за следниот буџет на Европската Унија, за периодот од 2021 до 2027 година. Буџетот на ЕУ треба да и овозможи на Унијата да ги спроведе своите планови и приоритети, меѓу кои се вклучуваат и безбедносните и одбранбените операции и решенија. Во новиот предлог буџет значително е зголемена ставката која се однесува на безбедност и одбрана и достигнува 27.5 милијарди евра. Буџетот треба да биде одобрен од лидерите на европските држави, како и од ЕУ Парламентот. ЕК нагласува дека донесувањето на буџетот е од итен карактер, и очекува да се постигне договор за буџетот пред да започнат следните избори за европратеници во мај 2019 година.
Тринаесет милијарди евра од буџетот (вкупно за 7 годишниот пeриод за кој е проектиран буџетот) ќе бидат резервирани за Европскиот Одбранбен Фонд (European Defence Fund). Европскиот Одбранбен Фонд ќе биде задолжен за промоција на соработката помеѓу државите членки на ЕУ и треба да обезбеди економичност, односно да се избегне дуплирање на трошкови од страна на различните членки, при иновацијата и прозводството на најсовремена и интероперабилна одбранбена технологија и опрема. Постојаната поддршка од страна на Европскиот Одбранбен Фонд во процесот на истражување и развој треба да помогне во насока на тоа да се избегне напуштањето на иновативни проекти заради недостаток на финансии или заради неможност да се тестира технологијата, што беше реалност во неколку минати истражувачки проекти. Европскиот Одбранбен Фонд ќе дејствува и во насока на зголемување на соработката со групацијата за Постојана Структурирана Соработка (Permanent Structured Cooperation – PESCO) на полето на одбраната, во која групација членуваат 25 земји членки на ЕУ. Во оваа насока, се отвара можност проектите кои ги реализира PESCO, да добиваат дополнително ко-финансирање од 30%, наместо сегашните 20%, доколку се проценат како изводливи и надежни. Исто така, овој Фонд има за цел и да го охрабрува учеството на средни и мали претпријатија во заеднички проекти со европските одбранбени институции.
Европската Комисија исто така предлага Унијата да ја зајакне стратешката транспортна инфраструктура, со цел да ја оспособи за поголема мобилност на воените единици и формации. За оваа цел се формира Инструментот за поврзување на Европа (Connecting Europe Facility), за чие функционирање се предвидуваат 6.5 милијарди евра.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини предлага и воведување на Европски Инструмент за мировна помош (European Peace Facility), со кој ќе се поддржуваат активности поврзани со одбраната и кој ќе треба да овозможи финансиско олеснување и зајакнување на можните заеднички операции и мисии во држави кои не се членки на ЕУ, како и помош во инфраструктура, опрема и воено-техничка помош на вооружените сили на овие држави. Предвидениот износ за овој Инструмент изнесува 10,5 милијарди евра.
Доколку се направи анализа на предвидените трошоци во доменот на одбрана, и детално се погледнат активностите и бројките кои се планирани во предлог буџетот, може да се забележи дека тие претставуваат сериозна потврда за намерите на ЕУ значително да го зајакне својот систем за колективна безбедност и одбрана. Останува да видиме дали ставките за одбрана од предлог-буџетот ќе останат вакви какви што се сега, и дали лидерите на европските држави членки на ЕУ и европратениците ја делат истата процена со Европската Комисија во делот на важноста на одбраната и безбедноста.