Живот

Во зеленчукот и овошјето на зелените пазари има витамини, но има и пестициди

Во зеленчукот и овошјето на зелените пазари има витамини, но има и пестициди

Купувачите велат дека не знаат какви земјоделски производи купуваат на зелените пазари. Агенцијата за храна и ветеринарство ги засили инспекциските контроли на граничните премини за да спречи увоз на небезбедно овошје и зеленчук, но што е со овошјето и зеленчукот кој се произведуваат во Македонија

Купувачите се прашуваат како да се заштитат од преголемото количество на пестицидите кои се наоѓаат во овошјето и зеленчукот кој се продаваат на зелените пазари. Засега, велат тие им останува само да им веруваат на земјоделците кои велат дека не користат пестициди, туку природни препарати за заштита од мравки, црви и пепелница.

Индивидуалните земјоделски производители велат дека не им се исплати за толку мало производство да користат пестициди, бидејќи се многу скапи.

– Ние користиме природни препарати кои ги користеле нашите баби и прабаби. Така кога се сади лук се става пепел во браздите против мравки, а со вода од коприва се прскаат дрвцата и зеленчукот против пепелница, вели земјоделска од Скопско, која има тезга на Зелен пазар.

Има и такви кои велат дека ве лажат оние кои велат дека не користат. Сите користат пестициди, меѓутоа некои повеќе, некои помалку.

– Без ништо не бидува и покрај тоа што користиме вештачко ѓубриво, кромидот и лукот ги прскаме со „децис”. Доматите и пиперките се прскаат пред да заврзат со цинеб, зелен камен или креч. Исто и зелката се прска со пестициди до трето ливче, односно додека не заврзе, вели една земјоделка од скопското село Горно Лисиче.

Земјоделците се согласни дека се користат пестициди , но никој не може да каже во колкава мера и дали се запазуваат роковите овошјето и зеленчукот да не се продаваат веднаш по нивно третирање со пестициди. Тие велат дека највеќе се прскаат јаболката. На пазар речиси и да не можете да најдете здрави јаболка кои не се прскани, ако сакате да јадете здрави јаболка тогаш купете си од тие со “дупчиња”.

– Сега климата е сменета, затоа овошјето и зеленчукот мора да се прска за да успее. Порано нашите баби не прскале си произведувале се во бавчите и се било природно, а сега не е така. Јас и покрај тоа што имам тезга и продавам зеленчук на пазар се плашам да купам од пазар бидејќи знам што се се користи, вели една продавачка на тезга.

Оние упатените велат дека ако на пестицидот пишува дека 10 дена не треба да се користи земјоделскиот производ по прскањето со пестицидите тогаш тој рок треба да се почитува. Проблемот е уште поголем бидејќи некои од земјоделците прават нестручни комбинација и вештачки ги предозираат растенијата со хемиски супстанции што е на нивна штета заради поголемите трошоци, но и на штета на здравјето на крајните корисници.

Не случајно на европскиот пазар најбарана и најскапа е органската храна, односно зеленчук и овошје произведени без пестициди. Сепак, лошите примери со вишокот на пестици во корнишоните и во грозјето, говорат дека е потребна поголема едукација на земјоделците, но и да се поработи и на нивната совест за здравјето на населението.

Земјоделци претеруваат со прскање на овошјето и зеленчукот со пестициди за да го заштитат од напади на штетници, а не внимаваат да почекаат да се распаднат пред да го изнесат на пазарот. За да се разградат пестицидите потребно е да поминат најмалку седум дена пред бербата. Така, земјоделците многу често знаат да ги испрскаат овошјето и зеленчукот и за ден-два го носат на пазар. Купувачите не го мијат убаво и така јадат храна полна со пестициди, кои во прекумерни дози се штетни за здравјето.

Пестицидите се голема група отровни материи што се употребуваат за да се заштитат земјоделските производи од штетници, а за тоа како треба да се употребуваат оние што се дозволени има строго определени правила. Но не ги почитуваат сите земјоделци, велат агрономите.

Според нив и покрај тоа што Македонија има т.н. зелена листа на пестициди, која е усогласена со правилата на ЕУ, има производители на зеленчук и на овошје кои користат недозволени хемиски препарати затоа што им се поевтини. Агрономите велат дека во има разни начини и канали како да се заобиколат законите за да се купат поевтини средства за хемиска заштита на растенијата, затоа што она што се продава во земјоделските аптеки е многу скапо.

Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се предвидени казни ако инспектор затече недозволен пестицид во земјоделска аптека, средството се одзема, а паричната казна се движи од 1.200 до 8.000 евра. Истовремено фирмата добива забрана за вршење дејност од 6 месеци до една година. Исто така се казнува и директорот на земјоделската аптека со казни од 500 до 2.000 евра и му се дава привремена забрана за вршење на должност од една до две години.

За физички лица, односно земјоделци, кои се фатени како користат недозволени пестициди, паричните казни се движат од 300 до 1.000 евра и им се одземаат производите.