Живот 27. јули 2018. / 12:38

Во 24 учебници ќе има исправки на содржината

Во 24 учебници ќе има исправки на содржината

Во дваесет и два учебници кои се користат во основното образование и два учебника од средно образование ќе има исправки или дополнувања на содржината. Од Педагошката служба за „Независен весник“ велат дека забелешките се од стручен, методолошки, технички аспект, а истите соодветствуваат на укажувањата на наставниците.

„Согласно законските обврски и добиените укажувања од наставниот кадар, Педагошката служба започна и привршува со промена на дел од содржината на учебниците. За истите на јавен повик беа одбрани стручни лица и формирани комисии кои имаат задача да констатираат дали во учебниците има измени повеќе од 30 отсто. Крајната цел е да се надминат констатираните недостатоци и да се придонесе за квалитет во наставните содржини“, додаваат од Службата.

Секое училиште е задолжено да го информира Министерството за бројот на оштетени или изгубени учебници. Од Министерството за образование велат дека заедно со надлежните служби, како што се Бирото за развој на образованието и Педагошката служба работат за решавање на сите проблеми што се јавуваат, а се однесуваат на учебниците.

„Во процедура на изработка се неколку нови учебници, како и нови наставни програми по кои ќе треба да се изработат учебниците за тие предмети. Тука треба да имаме во предвид дека во образованието секогаш има потреба за промена по насоки, наставни програми и учебници со цел подобрување на квалитетот. На пример, за стручното образование ова година имавме оглас за околу 30 нови учебници. Во процедура се исто така околу 15 други учебници од кои повеќето за предмети по странски јазици во основното и средното образование“, објаснуваат од Министерството.

Со години во наставата се провлекуваат учебници со грешки. Во дел има технички пропусти, несоодветен превод, неточни податоци кои се однесуваат за историја на етникуми, ама и географски недоследности.

Меѓу грешките што ги детектирале наставниците е примерот со учебникот по географија за втора година средно образование. Таму стои дека Албанците дошле во Македонија во 19 век. Пишува дека се наследници на Ромите, ама и на Черкезите. Претседателот на Сојузот на наставниците Албанци, Нухи Дардишта, подвлекува дека во учебниците кои се користат во средно образование по предметите економија и биологија преводот е несоодветен, со што се губи смислата на реченицата. Проблем има и во учебниците по музичко образование и тоа од петто одделение до деветто, па и во прва и втора година гимназиско образование, песните од македонски на албански јазик се преведени буквално. Забелешки има и за квалитетот на учениците. Потребно е старите учебници кои се преполни со грешки да бидат заменети со нови.

„Преводот во учебниците мора да го пишуваат професионални преведувачи и лектори, да не се дозволи да има пропусти во тој дел во учебниците. Надлежните можат да го преземат моделот од Хрватска, таму за децата од прво до четврто предвидени се 18 часа во неделата. Осмоодделенците имаат 26 часа неделно, а кај нас имаат 35. Здружението на музичари забелешките по предметот музичко ги испратило до Министерството. Грешки има и во учебникот по предметот математика. За еден учебник да биде повлечен потребно е да има повеќе од 30 отсто грешки, за мене тоа е спорно бидејќи сметам дека не може да се најдат толку многу грешки во учебник“, вели Дарлишта.

Неколку професори кои предаваат во гимназии за „Независен весник“ велат дека се револтирани оти учебникот за втора година гимназиско образование сè уште се користи во наставата, и покрај многубројните забелешки што ги имале доставено до надлежните. Освен наставниот кадар, реагирале и родители на деца. Проблем е велат што содржината во учебникот по предметот биологија е напишана на многу висок стил, како за магистерски студии, воопшто не е приспособена на возраста на децата. Потребно е, додаваат, стручните поими авторот да ги долови на поедноставен начин.

Според директорката на скопската гимназија „Никола Карев“, Горица Илијоска, промените во учебниците треба да започнат во консултација со наставниот кадар.

„Планираме со внатрешни обуки и презентации, наставниот кадарот да се произнесе за забелешки за соодветните предмети. Треба од базата да потекнат сите промени што треба да се прават во учебниците, отворено да се дискутира во училиштата за тоа и за сите забелешки секое училиште да ги достави до Министерството за образование и наука“, објаснува Илијоска.

Измените во Законот за учебници за основно и средно образование, Собранието ги усвои почетокот на годинава, односно уште во јануари. Во него стои дека секој учебник може да биде во употреба пет учебни години, освен учебниците во кои има содржини кои ученикот ги пополнува со пишување, боење, сечење и лепење, кои се заменуваат секоја учебна година, а како и учебниците за прво, второ и трето одделение.

Директорот на Педагошка служба има право да објави јавен конкурс за одобрување учебник на кој можат да конкурираат издавачки куќи со приспособен учебник од странство или со подготвен учебник да конкурираат автори од земјава.

Ако во одобрените учебници се потребни одредени исправки или дополнувања од стручен, методолошки, технички аспект, како и од аспект на превод и адаптирање, а не претставуваат повеќе од 30 отсто од содржината на учебникот, авторите или издавачот можат да предложат исправки или дополнувања до Педагошката служба.

Автор на учебник е лице со завршено најмалку високо образование од областа на која припаѓа наставниот предмет за кој е наменет учебникот и кој има најмалку десет години работно искуство како наставник или соработник во високото образование, односно како наставник во основно или средно образование по соодветниот наставен предмет за кој е наменет учебникот.