Поради глобалното затоплување во Јадранското море се појавуваат се повеќе морски видови, невообичаени за тоа поднебје. Така во последните неколку години во Јадранот стигнаа острозабиот гуштер, африкански косторог и слични видови.
Научниците предупредија дека зголемувањето на температурите влијае врз животот во морињата. Според некои податоци, температурата на Јадранското море во последните десеттина години просечно се зголемува за 1,2 степени, посочи Ален Солдо, за хрватскиот портал „24 часа“, инаку експерт од Одделението за студии за морето на Универзитетот во Сплит.
Според Солдо, новите видови на морски животни, доаѓаат од Црвеното море, во Средоземното, а од таму во Јадранското.
„Податоците покажуваат дека неделно еден нов вид од Црвеното море доаѓа во Средоземното. Тука не станува збор само за риби, туку и за корали. Порастот на температурите на морето влијае и на промената на животните навики на ајкулите. Инаку бројот на морски кучиња насекаде во светот опаѓа, па денеска има околу 500 видови, од што во Јадранското море се застапени 28“, ијави Солдо и додава дека нив човекот им е главен непријател.
„Во топлите мориња ајкулите мораат да поминат одредени подрачја за да бараат храна. Пртходно знаеа каде да ловат, а сега мораат да истражат каде е храната, па испраќаат нови јата на други места“, изјави Солдо.
Во Јадранското море може да се видат големите бели ајкули, кои се најопасни предатори.
„Големата бела ајкула може да поднесе различен температурен распон. Во Јадранот е врзана исклучиво за јатата туна. Како што се движат јатата, така се движи и белата ајкула“, објасни експертот.
Морските кучиња, рибите, коралите и останатите морски видови во Јадранот доаѓаат поради проширувањето на Суецкиот канал, па овозможен е поголем проток на вода во Средоземното море.