Унапредување на капацитетите на здравствените работници и воспоставување на модерни системи за градење на тие капацитети, како и воведување на најсовремени протоколи и стандарди на СЗО за водење на бременоста и породувањето со цел намалување на смртноста кај новороденчињата и мајките, се дел од активностите кои во Македонија ги спроведува Фондот за население на ОН.
Соња Таневска помошник – претставник на Канцеларијата на УНФПА во интервју за МИА посочи дека во делот на заштита на мајчиното здравје и намалување на смртноста на мајките и на новороденчињата постои недостаток на човечки ресурси.
– Она што може да се забележи е дека има недостаток на човечки капацитетите и оти Министреството за здравство работи на нови вработувања во болниците – сестри, лекари.. Меѓутоа, она што ние сакаме да го поддржиме е унапредување на капацитетите, на знаењето, праксата, она што докторите го знаат и воспоставување на модерни системи за градење на тие капацитети. Нашите лекари се сепак едуцирани, добри специјалисти и луѓе кои постојано работат, но науката оди постојано напред и најновите постигнувања треба да бидат применети во нашата земја. Токму поради тоа ја носиме таа техничка помош, со која наши лекари одат во странство, а едукатори од други земји доаѓаат кај нас, вели Таневска.
Таа како пример ги посочува активностите во областа на цервикалниот канцер, каде последните две години се работело на сосема нов протокол на скринининг што ќе овозможи рана детекција и спречување на ширење на болеста, оти, посочува, токму откривање на болеста во подоцнежниот стадиум е причина за лошиот исход по здравјето на жената.
– Во однос на мајчиното здравје се применуваат најновите пристапи на СЗО за водење на бременоста и породувањето и како да се подобри здравјето и учеството на жената во породувањето, но и на целото семејство, а со цел да има подобар исход и за родилката и за новороднечето. И во овој дел се работи на едукации, модули, како и на т.н. on the job обуки (во текот на самото породување заедничка работа на домашните со странски експерти) заради унапредување на праксата. Она што ние го пропагираме е методологија на СЗО за унапредување на исходот од породувањето за мајката и новороденчето преку унапредување на соработката помеѓу педијатрите, гинеколозите и сестрите кои што работат во родилиштата, посочува Таневска.
Новиот Договор со Министерството за здравство, нагласува таа, е токму за оваа тема.
– Тоа е пилот-проект, што се спроведува во Клиниката за гинекологија како најголемо родилиште во државата и родилиштето во Тетово, а потоа треба да се примени и во другите болници. Целта е да се изработат протоколи и пракси кои би можеле да послужат за учење и за другите родилишта во земјата. Проектот, во кој е вклучена и блиску соработуваме со Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените услуги, треба до крајот на годината да резултира со нови предлог-стандарди во родилиштата, а да почнат да се работат стандардите во примарното ниво на гинеколошка пракса, истакнува Таневска во пресрет на одбележувањето од страна на УНФПА на 11 Јули – Светскиот ден на населението.