Силно невреме ноќеска го зафати хрватскиот град Дубровник и околината. По поројните врнежи од дожд, поплавени се улиците во поголемиот дел од градот, а водата навлегла и во неколку станови и куќи.
Пожарникарите за само три часа, од 4 до 7 часот, имале 30 интервенции за испумпување вода од домовите, јавуваат хравтските медиуми. Проблеми има и на магистралните патишта, а надлежните предупредуваат и на одрони.
Освен во Дубровник, времето е нестабилно и во остатнатите делови од Хрватска. Врнежи од дожд има во повеќе градови, а има и силен ветер поради кој се затворени многу патишта.
Во прекин е и морскиот сообраќај на линијата од Новаља – Таб – Ријека, како и линијата Мали Лошињ – Црес – Ријека и траектната линија Призна – Жигљен.
Метеоролозите за денеска во Хрватска најавија постабилно време и разведрување од попладневните часови.