Инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) вчера биле во Гевгелија за да ги проверат картоните кај матичниот лекар и матичниот гинеколог на Елизабета Савиќ-Динева (31), родилка која почина пред четири дена на КАРИЛ во Скопје откако претходно се породила во гевгелиската болница. Проверки се прават и во болницата откако блиски на починатата обвинија за лекарска негрижа и бараат одговорност.
– Почнавме да постапуваме во рамки на нашите надлежности. Инспекторите се на терен, потребно е да се почека и обдукцискиот наод – изјави Ирина Сотировска Бухова, директорка на ДСЗИ.
Савиќ-Динева се породила на 29 јуни во Гевгелија со царски рез и на свет донела здраво бебе. По три дена, била пуштена заедно со бебето. Состојбата ѝ се влошила додека била дома, добила грчеви. Од болницата во Гевгелија била препратена на Клиниката за неврологија во Скопје.
Д-р Иван Барбов, директор на оваа Клиниката, за „Независен весник“ вели дека пациентката престојувала кај нив само пет-шест часа. Нејзината состојба станала „драматична“, поради што ја препратиле на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).
– Кај нас беше донесена рано наутро на 4 јули, со податок дека дома добила епилептични напади. Немаше отпусна листа од болницата од Гевгелија, не знаевме дали била третирана со антикоагулантска терапија, ниту како поминало породувањето, со оглед дека е со царски рез. Направивме компјутерска томографија и ЕЕГ, наодот беше уреден. Дадовме терапија за тромболитичен мозочен удар. Во тек на денот почна да добива чести епилептични напади поради што ја префрливме на КАРИЛ. Јас бев цело време тука, тоа беше драматична ситуација – изјави Барбов.
На обвинувањата за лекарска грешка, тој вели дека не е можно такво нешто да се случило на Клиниката за неврологија бидејќи Савиќ-Динева била третирана по сите протоколи.
Директорката на КАРИЛ, д-р Маја Мајсова, кажа дека пациентката била донесена кај нив во крајно критична состојба, без дишење. Лекарите еден час се бореле за нејзиниот живот. Доктор од КАРИЛ бил повикан на консултации додека Савиќ-Динева престојувала на Клиниката за неврологија. Тогаш била свесна, разговарала со лекарот и немала епилептични напади. Починала по две недели во кома. Телото е предадено за обдукција.
На социјалните мрежи кружи повик наречен „Правда за Елизабета“.
„Ја погребавме нашата убавица, нашата принцеза остави бебенце од 18 дена. А, можеше да живее доколку ѝ пружеа навремена нега во гевгелиската болница. Додека таа се жалела на болки и температура, тие ѝ рекле ништо не ти е, не си ти само со царски рез. Ја напушта болницата и настануваат компликации. Време е виновниците да одговараат пред судот на правдата“, напиша пријателка на починатата.
Лекари велат дека семејството на Елизабета дало информации дека таа била алергична на повеќе лекови и дека и за време на бременоста имала кратки напади. Според нив, веројатно станува збор за мозочна тромбоза, која дава симптоми како што се епилептични напади и дека не е ретко тоа да се случува кај трудници поради хормоналниот дисбаланас во бременоста. Точните причини за смртта ќе бидат познати по обдукцијата.
Во октомври 2015 година, во гевгелиската болница на породување почина родилката Маја Кадиева. За смртта беше покренато обвинение против двајца анестезиолози и двајца гинеколози. Вештаците утврдија дека смртта настапила насилно, од задушување, поради погрешна интубација.