Живот 25. јуни 2018. / 16:27

Поради болеста свинска чума засилени контроли на граничните премини

Поради болеста свинска чума засилени контроли на граничните премини

До крајот на годинава Македонија ќе заврши со вакцинација на свињите од болеста свинска чума. Со ставањето под контрола на оваа болест, фармерите ќе можат да извезуваат свежо месо и животни на европскиот и светскиот пазар.  Заради превентивна заштита од ширење на болеста африканска свинска чума во сточарството царините на граница ќе отстрануваат од личен багаж се што е храна од животинско потекло.

Вакви мерки веќе имаат воведено Словенија, Хрватска и Србија. Македонските ветеринарни власти воведуваат ригорозни контроли на граничните премини и од личниот багаж за влез во земјава ќе се одземаат сите продукти од животинско потекло. Оваа мерка е заради зголемување на прагот на заштита од ширењето на опасна болест во сточарството – африканската свинска чума кој полека се доближува кон границите на земјава. Болеста од кафкаскиот регион и Русија е проширена кон Балканот и веќе е регистрирана на фарми или дивеч во Чешка, Унгарија и Романија. По примерот на Словенија, Хрватска Србија и Македонија со вакви превентивни мерки.

За африканската свинска чума не постои вакцина. Каде ќе се појави цели фарми се уништуваат и дезинфицираат заради што е важно да се спречи болеста да не влезе во земјава. Македонија од почетокот на годинава издаде наредба и за подигнување на биосигурносните мерки на свињарските фарми. Еден од најтешките начини за справување со ширењето на болеста е преку дивите свињи кои се преносители и кои не познаваат граници.
Инаку до крајот на годинава Македонија ќе заврши со вакцинација на свињите од болеста свинска чума. Со ставањето под контрола на оваа болест, фармерите ќе можат да извезуваат свежо месо и животни на европскиот и светскиот пазар. Вакцинацијата на македонските свињи против болеста свинска чума беше главна пречка што досега свежото свинско месо и животните не смееја да ја поминат границата.

Доколку се потврди дека оваа болест ја нема во фармите, според Агенцијата за храна и ветеринарство, од наредната година ќе се бара дозвола за извоз на европскиот пазар, односно статус на слободна земја за извоз на свежо свинско месо. Планот е да се зајакнат мерките за контрола на евентуалното присуство на вирусот во фармите, кланиците и кај дивите свињи, како и подобрување на системот за идентификација и обележување на добитокот во земјава.

– Со добивањето на статусот слободна земја од оваа болест и можноста за извоз на свињи и свежо свинско месо на европскиот и на светскиот пазар, отворена е и можноста од увозници да станеме извозници на овој тип месо. Акцискиот план предвидува спроведување на повеќе активности, меѓу кои се зајакнување на биосигурносните мерки на свињарските фарми, мониторинг на присуство на вирусот кај дивите свињи, за што веќе се потпишани договори со ловните друштва, спроведување на мониторинг на кланиците при колење на свињите за утврдување на присуство на антитела на вирусот и подобрување на системот за идентификација и регистрација на свињите во земјава. Исклучително важна е и мерката која се однесува на прекин на превентивна вакцинација против класична свинска чума во Македонија, истакна директорот на АХВ, Зоран Атанасов.

Со контролите на 12 најголеми фарми, утврдено е дека во Македонија целосно се применуваат сигурносните мерки, кои се дури построги и од европските.

ОД АХВ велат дека трошоците за имплементација на биосигурносните мерки на свињарските фарми не се големи со оглед на бенифитот кој ќе го добијат фармерите.
– Бенефитот за фармерите од имплементирањето на биосигурносните мерки и нивното зајакнување ќе биде голем, како од аспект на подобрувањето на здравствената заштита на животните, а со тоа и намалување на трошоците за лекување на животните, но, најважно за нив ќе биде отворањето на новите пазари за извоз на свежо свинско месо и можноста за развој на гранката во целина. Тоа ќе овозможи подобрување на економската состојба и стандардот на самите фармери, вели Атанасов.

ОД АХВ информираат дека од Светската организација за здравствена заштита на животните добиле известување дека македонскиот план за справување со болеста класична свинска чума ќе биде земен како урнек и ќе може врз основа на него и другите земји ширум светот да градат сопствени планови за итни мерки за справување со оваа болест.