Живот 29. јули 2018. / 19:37

По третоoсомничениот за убиството на Саздо сѐ уште се трага

По третоoсомничениот за убиството на Саздо сѐ уште се трага

И по распишаната меѓународна потерница по Јетон Љужа (19), третоосомничениот за убиството на Никола Саздовски (21), припадник на навивачката група „комити”, нема никакви официјални информации за тоа каде би можел да се крие осомничениот.

Саздовски беше убиен на 29 јуни на автобуската постојка во скопската населба Автокомада. Неколку дена потоа беше распишана меѓународната потерница, но веќе е јасно дека Љужа претходно веќе ја поминал македонската граница.

Неофицијално, Љужа се крие некаде на Косово или во Шведска, кај роднини на неговото семејство.

Меѓународната потерница за Љужа е распишана за убиство извршено на свиреп начин.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески неделава на собраниска седница, одговорајќи на пратеничко прашање, рече дека случајот за Никола Саздовски не е затворен и истражувањето продолжува. Јовески нагласи дека во овој момент не може да каже дали истрагата ќе биде проширена.

„Ве уверувам дека за секој што ќе се утврдат криминални дејства со соодветни докази, ќе биде поднесено соодветно обвинение. И во овој момент обвинителството постапува во овој случај, но дали истрагата ќе биде проширена во овој момент не можам да соопштам. Тоа ќе зависи од вештањата и доказите“, потенцира јавниот обвинител.

Двајцата осомничени за убиството на Саздовски, Б.Б. и С.Д., се во притвор.