Живот 08. декември 2018. / 11:54

Ова се најефикасни маски за заштита од загадениот воздух

Ова се најефикасни маски за заштита од загадениот воздух

Експертите велат дека треба да се внимава при изборот на маската затоа што не сите маски штитат од ПМ честички, но и начинот на употреба на маската влијае на заштитата од честичките. На пример, хируршките или маските без филтер не заштитуваат од ПМ честичките. Постојат повеќе видови заштитни маски со различни ознаки. На пример, маските со ознаката N95 заштитуваат 95 проценти од честичките во воздухот, N99 заштитуваат 99 проценти од честичките, додека N100 штитат 99,97 проценти од честичките во воздухот. Сите овие маски штитат од честички, но важно е да се напомене дека не ги елиминираат мирисите од издувните гасови.

Озлогласените ПМ честички се штетни по човековото здравје затоа што се толку ситни што можат да влезат во дишните патишта и да продрат во крвните садови. ПМ 2,5 честичките се поштетни, затоа што се многу помали од ПМ 10 честичките. Тие се со големина од 2,5 микрометри или, за споредба, се 100 пати потенки од човечкото влакно. Медицинските лица велат дека, освен што можат да предизвикаат оштетувања на дишните патишта, нивните ефекти можат да предизвикаат затнување на крвните садови. Исто така ПМ честичките имаат канцерогено дејство и претставуваат ризик-фактор за појава на рак на белите дробови.

– Големата изложеност на ПМ 10 честичките за 7 микрометри на кубен метар во текот на пет години резултира со рапиден пад на белодробната функција и висок ризик за развој на хронична опструктивна белодробна болест. Јасно е дека загадувањето на воздухот ја влошува нормалната функција на белите дробови кај децата и истовремено го забрзува природниот пад на белодробната функција кај возрасните. Загадувањето на воздухот е доведено и во корелација со почестиот степен на респираторни инфекции, хронична кашлица, бронхитис, пневмонија и грип. Исто така, според повеќе студии, се докажува дека зголемено загадување на воздухот е предизвикувач на белодробниот карцином – вели докторката пулмоалерголог Сава Пејковска.

По тоа што може да се понуди на пазарот, се забележуваат различни видови маски – со менливи филтри, со еден или два филтри, за еднократна употреба, за повеќекратна употреба. Нивната цена варира, од 200 до 899 денари. Според Институтот за јавно здравје, маската треба да се употребува соодветно, но потребно е и да се избере соодветна маска. Маската мора да се одбере да му одговара на оној што ќе ја користи, да биде со соодветна големина според големината на неговото лице, но и да е добро прицврстена на неговото лице, при што не би овозможила влез на загадениот воздух. Во спротивно, маската станува бескорисна.