Живот

Невремето вторпат го сотре родот во Могила

Невремето вторпат го сотре родот во Могила

Силно невреме, проследено со пороен дожд и град со големина на орев, во два наврата ова лето го „обра“ родот по ниви во пелагониската Општина Могила. Поради невремето што пред дваесеттина дена го зафати атарот на селата Могила и Радобор и невремето од минатата сабота кога настрадаа посевите во селата Српци, Беранци, Вашарејца и Ивањевци, Советот на Општина Могила на седницата на Советот формираше Комисија за елементарни и природни непогоди, која ќе ги врши процените на штетите.

Претседателот на Советот на Општина Могила, Александар Јанкуловски, рече дека според законот само Владата може да прогласи елементарна непогода.

– Комисијата за елементарна и природна непогода ќе излезе на терен за да направи проценка на штетите на земјоделските култури и на колкави површини. Исплатата ќе ја вршат надлежните државни институции, со согласност од Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство – изјави Јанкуловски.

Според него, во невремето што во јуни ги зафати селата Могила и Радобор, уништени се 35 хектари, насадени со пиперки, домати, жито и тутун.

– За штетите од јунското невреме поднесени се 188 барања од земјоделци, чии штети по нивите се од 70 до 80 проценти, а кај јачменот и до 90 проценти. Комисиите излегоа на терен и сега за обесштетување се чека Второстепената комисија и Бирото за судско вештачење, кое ќе направи завршна проценка. Во овие села веќе беше прогласена природна непогода – рече Јанкуловски.

Што се однесува до штетите што ги предизвика градот во саботата попладне во селата Српци, Беранци, Вашарејца и дел од атарот на селото Ивањевци, општинската комисија работи на терен. Земјоделците чии посеви беа оштетени треба да поднесат пријави и да ги комплетираат документите за обештетување.

– Во последното невреме имаше штета врз родот на 100 хектари земјоделско земјиште. Најмногу настрадаа земјоделците од Српци кадешто се уништени 40 хектари од посевите со пипер и тутун, и тоа до 80 проценти, а на помали површини штетите се и до 100 проценти – наведува Јанкуловски.