Просечни температури и врнежи со мало надминување на просекот не очекуваат во претстојната зима 2018/2019 година. Метеоролозите очекуваат поголема количина врнежи до 25 отсто над просекот во источните делови од земјата.
Зимата годинава во Македонија и северната хемисфера ќе почне на 21 декември во 23 часот и 23 минути.
– Во Македонија, најголема веројатност постои просечната температура на воздухот за зимата 2018/2019 да биде во рамките на просечните вредности и малку над просекот. Тоа значи, очекуваните вредности да бидат во рамките на стандардните девијации, односно се од -1.5°С во Маврово до 5.0°С во Гевгелија, -1.1°С во Лазарополе, -0.3°С во Берово, 0.9°С во Битола, 1.0°С во Крива Паланка, 1.3°С во Прилеп, 2.0°С во Скопје, 2.3°С во Струмица, 2.5°С во Штип, 2.7°С во Охрид и 3.1°С во Д.Капија. – информираат за МИА од УХМР, додавајќи дека евентуалните вредности над просекот нема да надминат 1.0-2.0°С.
Во поглед на врнежите, според Управата, постои консензус дека глобалните климатски показатели не даваат јасен сигнал за веројатноста количината на врнежите во текот на зимата да е под, над или со просечна вредност.
Сепак, додаваат, предвидувањата се дека зимава врнежите ќе бидат просечни или малку над просекот. Во апсолутни вредности, за Македонија очекуваните врнежи се од 50 до 100мм/м2 месечно или од 100-350мм/м2 за целата сезона. При тоа, во источниот дел од државата тие ќе се до 25% над просечната вредност.
Метеоролозите напоменуваат дека е можна појава на подсезонски настани и дека е можна појава на зимски непогоди како зимски бури, многу ладни или многу влажни епизоди, кои се појавуваат одненадеж и кои можат да доведат до значителни локални социо-економски влијанија.