Живот

МНТ објави отворен повик за учество на работилница „Вовед во дизајнот на светлото и креативната комуникација“

МНТ објави отворен повик за учество на работилница „Вовед во дизајнот на светлото и креативната комуникација“

Македонскиот народен театар објави отворен повик за учество на петдневна работилница „Вовед во дизајнот на светлото и креативната комуникација“, која ќе се одржи во неговите простории од 26 до 30 ноември, под менторство на Крис Јегер, британски театарски дизајнер на светло.

На предавањата ќе бидат опфатени претставите „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов и новата претстава „Галеб“ во режија на Нина Николиќ, за која дизајнот на светлото ќе го подготвува Јагер.

Учесниците на работилницата ќе имаат можност по осум часа дневно да присуствуваат на работата при поставувањето на „Галеб“ во Македонскиот народен театар, а на крајот на работниот ден ќе можат да гледаат проба на претставата. Исто така, постои можност неколку учесници да присуствуваат за време на поставувањето, фиксирањето и осветлувањето на театарската сцена за претставата „Галеб“.

Бројот на учесници, односно бројот на пријавените кандидати е ограничен до 20. Тие треба да имаат високо познавање на театарската уметност, како и професионален ангажман во областа на дизајнот на светло и креативното размислување.

На работилницата може да се пријават и режисери и сценографи, со цел подобро да ја разберат улогата на дизајнерот на светло и тимското работење на авторскиот тим. Котизацијата за работилницата е 3.000 денари, а заинтересираните може да се пријавуваат од денеска до 10 ноември 2018.

Покрај кратка биографија, во прилог на пријавата треба да се достави и мотивациско писмо од најмногу една страница. Пријавите се доставуваат на: info@mnt.mk. Кандидатите ќе бидат известени за резултатите од конкурсот најдоцна до 15 ноември 2018. Работилницата ќе биде интернационална и на англиски јазик.

Дизајнерот на светло Крис Јегер (Лондон, 1960) и е познат на македонската јавност од работата на претставата „Ничија земја“, адаптирана и поставена на сцената на Македонскиот народен театар во режија на Александар Морфов, според текстот на Данис Тановиќ. Претставата премиерно беше изведена во јуни 2017 година.

Дипломирал на Лондонската академија за музика и драмска уметност (ЛАМДА) во 1981 година. Во изминатите триесетина години остварил соработка со многу театри, дизајнирајќи го осветлувањето на голем број врвни танцувачки, оперски, музички и драмски претстави. Голем дел од неговите продукции гостувале во театрите низ Велика Британија и Европа.

Во наредните два месеца Јагер ќе работи на дизајнот на светлото на „Галеб“ во режија на Нина Николиќ, новата претстава која се поставува во Македонскиот народен театар. х